• недела, 22 декември 2024

Во Крива Паланка одржана панел-дискусија за меѓугенерациски култерен дијалог

Во Крива Паланка одржана панел-дискусија за меѓугенерациски култерен дијалог

Крива Паланка, 13 декември 2024 (МИА) – Во Европската куќа Крива Паланка денес се одржа панел дискусија на тема „Културниот живот во Крива Паланка – некогаш и сега“ - како меѓугенерациски култерен дијалог на која присуствуваа повеќе млади луѓе од општината, професионалци и работници во различни области на културата од градот.

Настанот го организираше Центар за аудиовизуелни уметности Крива Паланка во рамки на проектот „Здружени за активно граѓанство“ што го спроведува НВО Инфоцентар од Скопје со поддршка на Европската Унија.

Панелистите Гоце Ристовски, писател, публицист, критичар, професор на ЕСРА, Драган Величковски, етнолог, директор на Локалната установа Градски музеј Крива Паланка и Роберт Цветковски, академски сликар, професор по ликовно образование во средното општинско училиште „Ѓорче Петров", Крива Паланка, говореа од различни аспекти за автентичноста и богатството на културниот живот во градот, од 19- от век, во повоениот период, сѐ до денес.

Ристовски рече дека младите генерации мораат да бидат подготвени да ги користат сите современи ресурси и трендови за да го збогатат својот културен живот, без притоа да ја заборават уникатната автентична содржина на поднебјето што дава свој специфичен белег на нештата.

Според Величковски, многу важно е покрај сѐ што се содржи во културата од сите жанрови, да се остави белег во времето за идните генерации, а Градскиот музеј во таа насока работи многу, во рамки на можностите се публикуваат и изданија, се прави роднокрајна збирка уметнички и литературни дела, но, она што го нагласи е дека треба да се стави акцент на авторството, на создавање авторски дела.

- Она што ние како културни работници и општина треба да го правиме, е да поттикнуваме и поддржиме менторирање на младите, да ги поттикнеме младите луѓе да се пронајдат во различни области од културата, а ние да изнајдеме модел за финансирање на тие ментори, експерти од областа и на културата и на спортот за да го развиеме потенцијалот на младите до ранг на високо прератавителни и репрезентативни личности, рече Величковски.

Професорот Цветковски истакна дека со правилен и насочен ангажман на младите се достигнуваат резултати кои досега и се покажале како ефективни, особено во областа на ликовната уметност, кадешто тој има примери за плејада млади кои преку сликарството го имплементираат својот креативен, уметнички талент и во други области, како архитектура и дизајн.

Настанот е дел од локална акција на Центарот за аудиовизуелни уметности што има за цел да се информираат и едуцираат граѓаните, особено младите, за историјата на културниот живот во Крива Паланка, нагласувајќи ги промените и континуитетот низ времето. 

-Преку собирање на архивски документи,  организирање на изложба и панел дискусија, сакаме да создадеме платформа за културен дијалог кој ќе ги поврзе различните генерации. Целта е да се инспирираат младите за активно учество во културата на локалната заедница, што е во согласност со целите на проектот „Здружени за активно граѓанство 2023“.Оваа акција ќе придонесе за градење  на посилен културен  идентитет  во Крива Паланка, изјави Методи Цветковски од Центарот за аудиовизуелни уметности Крива Паланка.

Во Европската куќа беше отворена и изложбата „Културниот живот во Крива Паланка – некогаш и сега“ што ги презентира собраните материјали, прикажувајќи како изгледал културниот живот некогаш и денес, со цел да се подигне свеста за локалната културна историја и да се поттикнат младите за поактивно учество во културниот живот во градот.

Целта на акцијата е младите и сите останати граѓани да добијат можност за подлабоко разбирање на културната историја во својата заедница за зачувување на идентитетот и припадноста. ид/дма/

 


Фото: МИА 

 

 

 

 

Остани поврзан