• петок, 22 ноември 2024

Во жесток судир во Северен Вазиристан загинаа шест пакистански војници и шест исламистички милитанти

Во жесток судир во Северен Вазиристан загинаа шест пакистански војници и шест исламистички милитанти

Исламабад, 5 октомври 2024 (МИА) - Најмалку шест пакистански војници и шест исламистички милитанти се убиени во северозападен Пакистан во близина на границата со Авганистан, соопшти денеска пакистанската војска, пренесе ДПА.

Армиското одделение за односи со јавноста (ИСПР) соопшти дека во борбите во текот на ноќта во округот Северен Вазиристан, во провинцијата Хајбер Пахтунхва, бил убиен и потполковник кој ги предводел армиските сили.

Регионот во минатото служеше како упориште за исламистичките милитанти поврзани со Ал Каеда и авганистанските талибанци.

„Безбедносните сили на Пакистан се решени да ја избришат заканата од тероризам и таквите жртви на нашите храбри војници дополнително ја зајакнуваат нашата решителност“, соопшти ИСПР, пренесе германската агенција.

Насилството во Пакистан од пакистанските талибанци, кои се различни од нивните авганистански колеги, се зголеми трипати откако исламистичката милиција го презеде Кабул во 2021 година.

Министерството за внатрешни работи извести дека само во 2023 година, 930 лица, пред се безбедносни лица, ги загубиле животите во терористички акти, а околу 2.000 други биле повредени.

Со текот на изминатите години околу 80.000 Пакистанци се убиени во насилството на пакистанските талибанци, кои се обидуваат да ја соборат владата и да наметнат строг режим на исламско право, сличен на оној во Авганистан, потсетува ДПА.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан