Во Делчево презентиран извештајот од првото Социјално мапирање на лица со попреченост
- Во Делчево денеска беше презентиран извештајот од првото Социјалното мапирање на лица со попреченост. Активноста е дел од проектот „Регионална соработка за подобра социјална инклузија на локално ниво" во Општина Делчево и има за цел да ги утврди потребите на одделни категории на граѓани и предизвиците со кои се соочуваат.
Делчево, 12 септември 2024 (МИА) - Во Делчево денеска беше презентиран извештајот од првото Социјалното мапирање на лица со попреченост. Активноста е дел од проектот „Регионална соработка за подобра социјална инклузија на локално ниво" во Општина Делчево и има за цел да ги утврди потребите на одделни категории на граѓани и предизвиците со кои се соочуваат.
За реализација на проектот како што информираше Сузана Петровска од Општина Делчево, општината доби грант за спроведување на социјално мапирање и обезбедување на услуги за рехабилитација и реинтеграција за лица со попреченост.
-Проектот се реализира со поддршка на ГИЗ и ЗЕЛС, а Општина Делчево е една од вкупно две општини во кои ќе се имплементира овој проект, истакна Сузана Петровска од Општина Делчево. Следна цел е да се дефинираат препораките, кои ќе бидат формулирани во мерки и активности, кои што ќе се преземат од страна на општината. Дополнително, Општина Делчево ќе добие поддршка за обезбедување услуги за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост, истакна Петровска.
Социјалното мапирање беше спроведено во период 2023-2024 година, и како што додаде Петровска е прво мапирање на ранливите категории граѓани.
-Избраните локални самоуправи исто така ќе бидат вклучени и во активности за градење на капацитети за воспоставување и испорака на услуги за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост.
Во оваа насока, ќе се формира Кластер за учење за услуги за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост со кој ќе управува ЗЕЛС, со стручна поддршка на искусни практичари, додаде Петровска.
Извештајот пред присутните го презентираше проф.д-р Јован Ананиев од Правен факултет при Универзитет „Гоце Делчев" од Штип, а на настанот учествуваше и претставник на Центар за европска граѓанска иницијатива, којашто организација е партнер за спроведување на социјалното мапирање.
Самиот извештај вклучува неколку ризик фактори, преку кои се гледа состојбата на лицата со попреченост во Општината, а со истражувањето како што додаде проф.Ананиев биле опфатени 70 испитаници од општината
-Меѓу ризик факторите ќе ги напомена. социо-економскиот статус, проблемите во домот, вклученоста во процесот на донесување одлуки, дискриминацијата и изложеноста на природни катастрофи. Освен анкетирањето, реализиравме и три фокус групи со претставници на институции кои што се дел од Општинскиот Совет за социјална заштита, со лица со попреченост или родители/ старатели на лица со попреченост и сегашни или идни корисници на Центарот за рехабилитација и реинтеграција. Исто така направивме и гео-мапирање на главните објекти, истакна Ананиев додавајќи дека од сето тоа е изготвен извештај на 90 страници во кој се ж содржани заклучоците и препораките до надлежните институции.
Проектот ќе обезбеди техничка помош на две локални самоуправи со цел да се зајакнат нивните капацитети за примена на социјално мапирање и принципот „Не оставајте никого зад себе" (LNOB), co цел идентификување на потребите на лицата со попреченост како ранлива група.
Овој регионален проект е имплементиран од Мрежата на асоцијации на локални власти на Југоисточна Европа (НАЛАС) и Асоцијациите на локални власти од Западен Балкан. вс/са/
Фото: МИА