• среда, 01 мај 2024

Во Дебар и Центар Жупа гласаа 32 болни и изнемоштени лица

Во Дебар и Центар Жупа гласаа 32 болни и изнемоштени лица

Дебар, 23 април 2024 (МИА) - Во општините Дебар и Центар Жупа своето право на глас денеска го остварија 32 болни и изнемоштени лица, од пријавените 37, чии барања беа прифатени по разгледувањето на доставената документација.

- Во општина Дебар беа доставените 32 барања, колку што и беа прифатени, а правото да гласаат денеска го искористија 29 болни и изнемоштени лица. Тројца не гласаа од разни причини. Денеска и изборниот материјал е распределен и очекуваме утре првиот круг од претседателските избори да мине во најдобар ред, изјави за МИА, Рилинд Хаса, претседател на Општинската изборна комисија.

Во единствениот избирачки список во оваа општина запишани се 19.334 гласачи, што е за 123 гласачи повеќе споредено со последниот изборен циклус, локални избори во октомври 2021 година. Ќе се гласа на 27 гласачки места, од нив 22 во Дебар, две во Могорче и по едно во Долно и Горно Косоврасти и Џепиште.

- Во општина Центар Жупа, за гласање во својот дом беа пријавени пет болни и изнемоштени лица, беа прифатени сите, но, денеска гласаа три лица, причина за едно од нив е смрт. Во единствениот избирачки список запишани се 7.383 со право на глас или 306 повеќе, во однос на повторените избори за градоначалник во април 2022 година, а ќе се гласа на 16 избирачки места, потврди Неџип Илјаз, претседател на ОИК.

Поголемиот број од гласачките места или девет се во Центар Жупа, по едно се во населените места Броштица, Новак, Еленци, Брештани, Праленик, Коџаџик, Долгаш, сите сместени во училиштните објекти. вт/цр

Фото: МИА

Остани поврзан