• вторник, 25 јуни 2024

Во Градскиот музеј Крива Паланка нов циклус работилници од проектот „Уметност и музика 2024“

Во Градскиот музеј Крива Паланка нов циклус работилници од проектот „Уметност и музика 2024“

Крива Паланка, 17 јуни 2024 (МИА) - Денес во ЛУ Градски музеј Крива Паланка започна новиот циклус работилници од проектот „Уметност и музика 2024“, што вклучува четири  повеќедневни уметнички работилници од областа на графика, сликарство и вајарство, водени од истакнати ментори-уметници од Крива Паланка.

-За почеток е предвидена графичката работилница, што ја води младиот, веќе докажан и истакнат графичар од Крива Паланка, Стефан Младеновски, магистер по уметност. Како ликовна дисциплина помалку позната и слабо застапена, ја доближуваме до младите уметници кои ќе имаат можност да научат нешто повеќе за изработката на линорез, како техника на висок печат, вели координаторот на проектот, Ѓорги Костовски, историчар на уметност во ЛУ Градски музеј Крива Паланка.

Сликарската работилница ќе ја води академскиот сликар Роберт Цветковски, ликовен педагог и уметник од светски ранг, кој зад себе има 35 самостојни изложби и над 200 групни изложби. Скулптурската работилница е под менторство на академските вајарки од Крива Паланка, Нела Јанковска и Анета Стојчевска.

Јанковска е истакнат ликовен педагог и добитничка на годишната награда за скулптура на ДЛУМ за 2023 година. Под нејзино менторство младите уметници ќе го усовршуваат моделирањето, а со скулпторката Стојчевска ќе работат на инсталација во простор, што за нив ќе биде ново искуство. 

Секоја од работилниците ќе трае по неколку дена, а делата на младите уметници, ќе бидат презентирани на заедничка изложба придружена со музички настап на познатиот џез-состав „Гордан Спасовски трио“.

-Ваквиот вид работилници вторпат се спроведуваат во Крива Паланка и се од особено значење за организиран пристап и достапност на ликовната уметност до младите, но и до сите љубители на ликовната уметност и музика, вели Костовски.
Сите создадени дела ќе влезат во постојаната збирка на Градската галерија при Музејот на Крива Паланка.

Уметничкиот проект е дел од богатата програма на „Крива Паланка - Град на културата 2024“. ир/нд/

Фото: ЛУ Градски музеј Крива Паланка 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан