• вторник, 05 ноември 2024

Во Велес се одржа локалната конференција „Велес - општина посветена на децата“ 

Во Велес се одржа локалната конференција „Велес - општина посветена на децата“ 

Велес 29 мај 2024 (МИА) - Во рамки на проектот „Место за растење: општини посветени на децата“, во „Europe house Veles“, се одржа локална конференција на тема „Велес – општина посветена на децата“.

На конференцијата претставници на локалната самоуправа, образовни институции, детски градинки, јавни институции дебатираа на прашања поврзани со поттикнувањето на детското учество во планирањето и носењето одлуки.

Во своето воведно обраќање претседателот на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, Драги Змијанац ги претстави досегашните и планираните активности за развивање на концептот „Општини посветени на децата“. Директорката на Центарот за семејно и детско згрижување Кристина Василевска ја истакна потребата од детектирање на вистинските потреби и проблеми на децата во локалната заедница и нивно конструктивно решавање во соработка со надлежните институции.

Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев нагласи дека општината е отворена за сите потреби и проблеми на децата и младите во градот, преку континуирана непосредна комуникација со нив. Тој се осврна на тоа што е направено во изминатите две и пол години и што ќе се направи за нормален психофизички раст и развој на децата во Велес.

-Општина Велес во изминатите двеипол години навистина сериозно и посветено се вложи во градење на инфраструктура за развој на психофизичкиот развој на децата. Се работеше на подобрување на условите во училиштата и градинките, се реконструираа и изградија голем број на детски игралишта и спортски терени во градот, но и во руралните средини, се уредија зелени површини за одмор и рекреација, рече Колев.

На конференцијата зборуваше и претставник на Општина Велес, кој истакна дека општината континуирано работи на унапредување на правата на децата и на нивното образование.

За предизвиците при решавање на детското претстапништво зборуваше Менка Андреева, претседател на Советот за детско претстапништво. На конференцијата се дискутираше и за актуелните теми кај младите, врсничкото насилство и дискриминација на правата на децата.

По конференцијата се формираа општински панели кои треба да обезбедат структурирана и фокусирана работа поврзана со правата на децата и донесувањето на локалните стратешки планови, истовремено да овозможат креирање на стратешки план за општина Велес со цел унапредување на правата на децата и нивно вклучување во локалното планирање.

Општина Велес е една од петте општини кои се вклучени во проектот „Место за растење: општини посветени на децата“, што го спроведува Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и Центарот за семејно и детско згрижување КМОП Скопје, а е финансиран од Делегацијата на Европска унија во рамки на локалните шеми за демократија и човекови права.ад/фф/

Фото: МИА

Остани поврзан