• среда, 15 јануари 2025

Во Велес промовирана книгата „Аманети за битолчани“ од авторките Вера Благојевиќ Самарјанин и Оливера Јовановска

Во Велес промовирана книгата „Аманети за битолчани“ од авторките Вера Благојевиќ Самарјанин и Оливера Јовановска

Велес, 2  септември 2024 (МИА) - Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ попладнево во Велес ја промовира книгата „Аманети за битолчани“ од авторките Вера Благојевиќ Самарјанин и Оливера Јовановска, а за делото свое излагање имаше проф. д-р Борис Ангелков.

-Главната тема водилка на книгата е каков бил јазикот на нашите баби и дедовци, обичаите и катадневните доживувања, кои се паметат од детството до денес како добри и лоши навики и обичаи на нашите предци. Како јазичен материјал е земен битолскиот говор од регион од каде потекнуваат двете поетеси. Тие не го заборавиле својот дијалект одејќи по нивните бурни животни патеки, кај првата поетеса Оливера Јовановска почнувајќи од Македонија до Австралија и назад, кај втората од Македонија низ цел Балкан до Канада, појасни проф. д-р Ангелков.

Лила Арсова претседател на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ за МИА информира дека на Вера Благојевиќ Самарјанин во родното село на поетот Коле Неделковски, Војница, вчера и била врачена нивната годишна награда за животно дело за литература „Коле Неделковски за 2024“ која ја доделува Клубот на писатели со поддршка на Општина Велес. Добитничката Вера Благојевиќ Самарјанин досега објавила 121 книга.

Соња Гаврилова, писател од Велес, при доделувањето на наградата информира дека добитничката Вера Благојевиќ Самарјанин, е родена во 1955 година  во Битола, и иако е со постојано место на живеење во Битола, повремено престојува во Италија, Србија, Хрватска, Словенија и Канада, континуирано создава и пишува на родниот македонски јазик. Мотивите во своите дела ги црпи од секојдневието, од детството, пишува за драгоцените семејни вредности, патриотските чувства за родната грутка земја, за својата Македонија, за хуманоста без граници и активности за помош и поддршка на оние, кои судбината ги онеправдала, за гладните, болни и немоќни, со голема надеж, почит и верба во бога, инспирирана од делата на светата Мајка Тереза.

-Со многу ентузијазам, љубов, посветеност и позитивна енергија таа го спојува духовното, со материјалното, хумано подарувајќи 30.000 книги во градинки, училишта, библиотеки, домови за стари лица и др. Сите нејзини книжевни дела се самофинансирани со помош на семејството, најверниот поддржувач, поттик и мотивација во импозантното книжевно творештво. Несомнено е дека Вера Благојевиќ Самарјанин со своите дела остава траен и значаен белег во историјата на македонската литература и книжевност, потенцира Гаврилова.

Таа потсети дека Благојевиќ Самарјанин е добитник на високи книжевни награди и признанија.

-Во своето континуирано литературно творештво, уште од најмала возраст, водејќи се од нејзините стихови: „Книгата е вечен буквар“, преку 121 издадени и испечатени книги, таа успева својата просветителска дејност да ја прошири и надвор од границите на татковината, добивајќи поддршка од многу сонародници, писатели од дијаспората и македонски литературни клубови, потенцира Гаврилова.

Инаку, со положување на цвеќе на споменикот на Коле Неделковски во истоименото училиште во Велес и во старото училиште во село Војница и посета на неговата Спомен куќа во училиштето во село Војница вчера беше одбележана 83 годишнината од смртта на писателот Коле Неделковски. Воедно 83 годишнината од смртта денеска ја одбележаа и вработените и учениците од средното училиште „Коле Неделковски“ кое со гордост го носи неговото име со положување на цвеќе на неговата спомен биста во дворот на училиштето и пригодна програма со читање на негови стихови.

Коле Неделковски е истакнат македонски поет и револуционер, роден во село Војница на 16 декември 1912, а починат на 2 септември 1941 во Софија. Бил член на Македонскиот книжевен кружок во Софија. Првата стихозбирка „М'скавици“ била  објавена во 1939 година. Во септември 1941 година, дванаесет дена по излегувањето од печат на збирката песни „Пеш по светот“, Неделковски бил откриен од полицијата како разнесувач на летоци. На 2 септември 1941 година, полицијата ја блокирала зградата во која живеел. Целокупниот  материјал што можел да ги компромитира неговите другари, Неделковски го уништил, давајќи им оружен отпор на гонителите. Кога веќе немало надеж за спас, тој се фрлил од прозорецот на својата мансарда на тротоарот на улицата и така трагично млад загинал на денешен ден во 1941 година во Софија, Бугарија.ад/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан