• петок, 05 декември 2025

Во Битола одбележан светскиот ден на млекото и ден на фармерите

Во Битола одбележан светскиот ден на млекото и ден на фармерите

Битола, 2 јуни 2025 (МИА) - Фармерите од битолскиот дел на Пелагонија денеска го одбележаа светскиот ден на млекото и ден на фармерите.

Според градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски, фармерите се еден од важните столбови во локалната економија.

-Битола е земјоделски крај и затоа искрено им благодарам за се што прават пелагониските земјоделци и фармери. Во ваква прилика треба да се истакне посветеноста, истрајноста и трудољубивоста на фармерите како еден од важните столбови во локалната економија на Општина Битола. Соработката меѓу битолските фармери и БиМилк како значајна компанија во општината и регионот освен што се обезбедува пласман на квалитетно домашно млеко туку и се обезбедува развој на руралните средини, се зајакнуваат малите семејни стопанства и обезбедува сигурна иднина на многу фамилии. Ние како локална самоуправа остануваме посветени, иако не со директни ингеренции, но сепак помагаме за подобри услови за работа и развој на земјоделството, посочи Коњановски.

На светскиот ден на млекото и ден на фармерите, генералниот директор на битолската Млекара, Ѓорги Петрушев посочи дека фармерите за важна алка во млекопроизводствениот систем.

-Нема квалитетен млечен производ ако фармерите на произведат квалитетно млеко и затоа сите секојдвнево, постојано работиме на производството на квалитетно млеко. Растеме заедно затоа што вашиот напредок е и наш напредок. Нашата цел е да ја зголемиме продуктивноста и да го подобриме квалитетот на млекото за да може освен на домашниот, да настапуваме и на странските пазари, односно да размислуваме за извоз. Тој предизвик го поставуваме пред нас и очекуваме за неколку години да соопштиме дека сме освоиле странски пазари и за успесите на македонската млечна индустрија, истакна Петрушев.

На истакнати фармери од Пелагонија, на светскиот ден на млекото и ден на фармерите, беа додели пригодни награди и признанија. мт/сст/

Фото: МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан