Во Албанија отворена лабораторија за кибер безбедност - напредна платформа за обработка и симулирање на дигитални закани
- Според објавата на социјалните мрежи, таа лабораторија е создадена за да ги зајакне експертите за кибер безбедност, обезбедувајќи интензивна обука за заштита на критичните инфраструктури и справување со глобалните технолошки предизвици.
Тирана, 27 декември 2024 (МИА) - Националната управа за кибер безбедност на Албанија отвори лабораторија за кибер безбедност - напредна платформа за обработка и симулирање на дигитални закани.
Според објавата на социјалните мрежи, таа лабораторија е создадена за да ги зајакне експертите за кибер безбедност, обезбедувајќи интензивна обука за заштита на критичните инфраструктури и справување со глобалните технолошки предизвици.
Шефот на Националната управа за кибер безбедност, Игли Тафа, рече дека главната цел на оваа лабораторија, во рамките на процесот на дигитализација на Албанија, е да привлече нови таленти.
„Албанија конечно има лабораторија за кибер безбедност. Ова е модерна лабораторија, слична на лабораториите во развиените земји ширум светот, како што се оние во САД, Израел, Обединетите Арапски Емирати, Сингапур итн. Оваа лабораторија ќе служи како алатка за обука на експерти, јавни и приватни оператори од областа на кибер безбедноста“, рече Тафа.
Според него, таа лабораторија ќе биде отворена и за универзитети, стручни училишта, па дури и за средни училишта.
„Главната цел е да се привлечат таленти. Оваа лабораторија е вистинското место каде што ќе се спроведува практична обука со користење на информатички и оперативни технологии, низ овој широк опсег", посочи Тафа. вт/
Фото: Тафа Фб