• среда, 25 декември 2024

Во авионската несреќа во Казахстан загинаа 35 лица, а 32 го преживеаа падот

Во авионската несреќа во Казахстан загинаа 35 лица, а 32 го преживеаа падот

Астана, 25 декември 2024 (МИА) - Казахстанските медиуми соопштија дека 32 лица го преживеале падот падот на патничкиот авион во близина на Актау, додека 35 загинале.

Казахстанското Министерство за транспорт соопшти дека во авионот имало државјани на пет земји - 37 Азербејџанци, шест државјани на Казахстан, тројца државјани на Киргистан и 16 Руси.

Руската агенција за надзор на воздушниот сообраќај информира дека првичните податоци покажуваат дека пилотот се одлучил за принудно слетување откако авионот удрил во птица.

Авионската несреќа се случи утрово, кога авион на Азербејџан ерлајнс летал од Баку кон Грозни, но бил пренасочен поради магла во Чеченија. Наместо тоа, бил принуден на итно слетување на три километри од Актау, западен Казахстан. 

Руски медиуми тврдат дека авионот не можел да слета во рускиот град Грозни поради напад на украински дрон. Пилотот го пренасочил летот кон градот Махачкала, административен центар на соседната Дагестанска област, но, според руските медиуми, маглата го спречила да слета таму, пренесува Анадолија.

На крајот побарал дозвола да слета во Актау, казахстански град на Каспиското Море. Несреќата се случила на неколку километри од аеродромот во Актау.

Казахстанскиот претседател Касим-Јомарт Токаев нареди истрага за несреќата, а азербејџанскиот претседател Илхам Алиев ја прекина посетата на Санкт Петербург, Русија, за да се врати во Баку по инцидентот. Рускиот претседател Владимир Путин му изрази длабоко сочувство на претседателот на Азербејџан. ссм/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан