Келог: Трамп сака да постигне „праведен, одржлив и безбеден мир во Украина“
- Новоизбраниот претседател Доналд Трамп сака да постигне „праведен, одржлив и безбеден мир во Украина“ изјави Кит Келог, номиниран за позицијата специјален претставник на претседателот на САД за Украина и Русија.
Вашингтон, 25 декември 2024 (МИА) – Новоизбраниот претседател Доналд Трамп сака да постигне „праведен, одржлив и безбеден мир во Украина“ изјави Кит Келог, номиниран за позицијата специјален претставник на претседателот на САД за Украина и Русија.
- Запирање на убивањата на територијата на Украина ќе биде еден од приоритетите на новата администрација на Трамп, рече Келог
Во интервју за „Фокс бизнис“, Келог изјави дека Трамп знае дека претходните обиди за постигање мир меѓу Русија и Украина, вклучувајќи ги и Минските договори, „доживеаја целосен неуспех“, па затоа тој нема намера да оди по истиот пат.
Според Келог, Трамп „ја разбира важноста на односите што ги има со своите сојузници, како и оние со Владимир Путин. Тој е човекот кој може да го спроведе тоа до некаква завршница … во релативно блиска иднина, нагласи Келог.
- Претседателот е доследен во своите цели: сака да ги запре убивањата и да донесе мир во регионот. Тоа не е негов единствен меѓународен приоритет, но тој се стреми кон мир кој ќе биде праведен, одржлив и безбеден, изјави Келог.
Келог во друга прилика претходно изјави дека Украина и Русија се подготвени за мировни преговори. Според него, недостасува само „арбитер“ кој ќе може да ги „раздели“ двете завојувани страни. Келог ќе ја посети Украина на почетокот на јануари 2025 година за да „собере факти“, соопштија дел од американските медиуми. кб/