• вторник, 02 јули 2024

Влевањето на атмосферските води во канализацијата ја отежнува работата на пречистителната станица во Кичево

Влевањето на атмосферските води во канализацијата ја отежнува работата на пречистителната станица во Кичево

Кичево 8 февруари 2022 (МИА) - Пречистителната станица за фекални отпадни води што пред неполни четири години почна со работа во Кичево, дава огромен придонес реките во овој регион да бидат многу почисти и да не се случува масовен помор на живиот свет, како што тоа се случуваше во измнатите неколку децении.

Пречистителната станица е проектирана за 48 000 жители кога ќе биде завршена и втората фаза, во која ќе се вклучат фекалните отпадни води од селата од регионот на Зајас,Осломеј и Другово.

-Пречистителната станица за фекални отпадни води во Кичево е австриска технологија и работи на механичко - биолошки третман на отпадните води. Во оваа пречистителна станица за еден час се преработуваат од 280 до 320 метри кубни фекален отпад или за 24 часа преработува 7 200 метри кубни, што на месечно изнесува 216 000 метри кубни отпад, а на годишно ниво се преработуваат 2 592 000 метри кубни. Сувата материја што се издвојува при преработувањето на фекалните води, во текот на зимата изнесува 4 до 5 метри кубни додека во месеците кога во градот се наоѓаат и печалбарите, количините на сув отпад се зголемуваат на 8 до 10 метри кубни дневен отпад, вели раководителот на пречистителната станица Кичево, Драган Станкоски, кој додава дека во процесот се вклучени 11 лица, кои работат во три смени.

Тој наведе дека при тестирањата на фекалните води од пречистителната станица, техничката исправност изнесува 92 проценти, што според проценките на експертите од Австрија е натпросечно добар резултат.

Станкоски посочи на проблемот кој се јавува во периоди на поинтензивни врнежи од дожд или снег, кога за кусо време во станицата се слеваат мнгукратно поголеми количества на течност.

-И покрај редовните апели и сугестии до изведувачите и граѓаните, да не ги вклучуваат атмосферските води во фекалната канализација овие молби до нив како да не допираат.Токму од тие причини во време на поинтензивни врнежи од дожд или топење на снег, во пречистителната станица наместо вообичаените 300 метри кубни на час се случува да пристигнат и 2 000 метри кубни, што го отежнува процесот на прочистување поради наглиот притисок на водата во станицата, рече Станкоски.

Тој ги посочи граѓаните, кои водата од покривите преку олуци ја насочуваат во фекалната канализација.

-Истиот проблем ни го создаваат и семејства кои од куќите или зградите водата од олуците ја усмеруваат директно во фекалната канализација, што исто така, ни создава проблем како претходно наведениот, додава Станкоски и се надева дека во иднина оваа практика треба да се надмине за да може пречистителната станица квалитетно да работи на долг рок.

Тој истакна дека наскоро треба да започне изградбата на колекторскиот систем, кој од руралните средини фекалните отпадни води ќе ги одведува до пречистителната станица, со што овој мега проект целосно ќе биде завршен. за/вг/

Остани поврзан