• сабота, 23 ноември 2024

Владина делегација предводена од Ковачевски на Инвестициски самит во Лондон

Владина делегација предводена од Ковачевски на Инвестициски самит во Лондон
Скопје, 28 февруари 2022 (МИА) - Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски престојува во Лондон каде ќе присуствува на Инвестицискиот самит за Западен Балкан што го организира Европската банка за обнова и развој. Инвестицискиот самит ќе се одржи во Дирекцијата на ЕБОР во Лондон, а на него, се очекува да присуствуваат претставници од владите од регионот, претседателката на ЕБОР, комесарот на Европската Унија за соседство и проширување и други релевантни претставници од регионот. Од владината прес-служба информираа дека премиерот Ковачевски заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими, покрај учеството на пленарната сесија на самитот со која ќе претседава претседателката на ЕБОР, Одил Рено-Басо, ќе остварат повеќе работни средби со високи претставници на ЕБОР и на Европската унија. Предвидени се и билатерални средби со лидерите на земјите од Западен Балкан. Како дел од агендата, Ковачевски заедно со лидерите на земјите од Западен Балкан ќе се сретне и со премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон. Вчера, премиерот Ковачевски во македонската Амбасада во Лондон се сретна со македонски иселеници кои живеат и работат во Обединетото Кралство. бак/мд/

Остани поврзан