Владата и телекомуникациската компанија „4iG” потпишаа Меморандум за разбирање
- Од Владата најавија дека во следниот период двете страни ќе формираат заедничка работна група за унапредување на соработката, со цел да се анализираат можностите на пазарот и да се забрза соработката.
Скопје, 2 септември 2024 (МИА) - Владата и „4iG“ Групацијата, една од водечките ИКТ компании во Унгарија и Западен Балкан, денеска во Скопје потпишаа Меморандум за разбирање со цел, како што соопшти владината прес-служба, да се забрза дигиталната трансформација во државава во делот на економијата и инфраструктурата.
Од Владата најавија дека во следниот период двете страни ќе формираат заедничка работна група за унапредување на соработката, со цел да се анализираат можностите на пазарот и да се забрза соработката.
Меморандумот го потпишале заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и претседателот на „4iG“ Групацијата Гелерт Жазаи и според соопштението претставува основа за долгорочна соработка, ги истакнува можностите за влез „4iG“ Групацијата на телекомуникацискиот пазар во државава и ги идентификува стратешките области за идниот развој на телекомуникациските услуги и инфраструктурата во земјата.
-Документот, кој ја поставува основата за долгорочна соработка меѓу двете страни, ги потенцира можностите за „4iG“ Групацијата за влез на телекомуникацискиот пазар во Македонија и ги дефинира заедничките цели за идната соработка и тоа: Подобрување на искуството на клиентите преку воведување на најсовремени мобилни и широкопојасни технологии за да се обезбедат побрзи и посигурни комуникациски и интернет услуги, Имплементација на инвестиции во врвни технологии засновани на 5G, IoT и вештачка интелигенција за развој на дигиталниот екосистем во Македонија со оглед на посветеноста на Владата за иницијативата „Чиста мрежа“, Отворање на нови и квалитетни работни места преку формирање на регионални канцеларии и оперативни центри кои ќе имаат за цел зголемување на економскиот раст и долгорочен развој, Минимизирање на влијанието врз животната средина и поддржување на зелените иницијативи, стимулирање на иновациите, технолошкиот развој и претприемништвото во партнерство со локални економски субјекти, информира владината прес-служба.
Според Владата, Меморандумот за разбирање потпишан со „4iG“ Групацијата е целосно во согласност со „Планот за одржливост на Македонија 2030“ и посветеноста на државата за програмата „Чиста мрежа“.
-Како сопственик на операторот „ONE Црна Гора и ОНЕ Албанија”, „4iG“ Групацијата е една од водечките телекомуникациски и ИТ оператори во Западен Балкан, опслужувајќи речиси 2,2 милиони корисници и 400 илјади деловни клиенти во овие две земји. Со своето работење, групацијата продолжува да ги проширува своите услуги, експертиза и портфолио за да одговори на променливите потреби и барањата на телекомуникациските и ИТ пазари. Групацијата вработува над 8.000 луѓе, се наведува во соопштението.
Се дополнува дека „4iG“ Групацијата е водечка телекомуникациска компанија во Унгарија и Западен Балкан и една од водечките компании во областа на знаење и дигитална економија. Иновативниот пристап на Групацијата и нејзината позиција како водечки унгарски интегратор на телекомуникациски и ИТ системи ја прави компанијата лидер во нудење на услуги во делот на дигиталната трансформација во регионот, посочуваат од владината прес-служба.
Министерот Николоски на 6. месецов ја информираше Владата на седница дека е пристигнато писмо со намери од унгарскиот оператор 4iG групација, откако тој претходно во Будимпешта оствари средба со претседателот на групацијата Гелерт Жасзаи.
Николоски, на новинарско прашање за писмото со намери неодамна изјави дека во наредниот период ќе се донесе стратешка одлука дали ќе се воведе трет мобилен оператор или ќе се работи на намалување на цените на постојните два оператори.
Според Николоски, во моментов има дуопол помеѓу постојните два оператори, пазарот е идеално поделен помеѓу нив, а цените на услугите не само што не се намалуваат туку се зголемуваат. - Нема никаков натпревар ниту во делот на нудење на подобри услуги, ниту во делот на поевтини цени за граѓаните, изјави Николовски.
На пазарот на мобилни комуникации во државава активни се покрај двата мобилни мрежни оператори, активни се и три виртуелни мобилни оператори и еден оператор препродавач.лв/aa/
фото:Влада