• недела, 22 декември 2024

Вкупно осум години затвор пресуди Кривичен за грабнувачите на Самоил Костадиновски

Вкупно осум години затвор пресуди Кривичен за грабнувачите на Самоил Костадиновски

Скопје, 4 април 2024 (МИА) - Вкупно осум години затвор пресуди Основниот Кривичен суд Скопје на обвинетите Виктор Милановски и Саша Челичиќ против кои се водеше процес за грабнување на Самоил Костадиновски.

Како што соопшти при денешната објава на пресудата, судијката Славица Наумова Јосифовска, обвинетите Виктор Милановски и Александар Трпков, кој е недостапен на органите за прогон, се виновни затоа што на 3 март 2023 на улица „Христо Татарчев“ во Скопје, заеднички извршиле грабнување со закана дека ќе го лишат од живот оштетениот Самоил Костадиновски, да се плати претходно украдената наркотична дрога - роба, за која оштетениот требало да ја плати но не ја платил и не ги предал паричните средства, додека, обвинетиот Саша Челикиќ со умисла им помогнал во извршување на кривичното дело грабнување.

Двајцата обвинети беа прогласени за виновни согласно член 141 од Кривичниот законик, за кривично дело „грабнување", за кое е предвидена казна затвор од една до десет години.

- Согласно овие цитирани членови судот првообвинетиот, Виктор Милановски, го осудува на казна затвор во траење од пет години и десет месец во која му се смета и притворот од 13.3.2023, а на обвинетиот Саша Челикиќ му се определува казна затвор од две години и два месеци, во која му се смета и притворот од 13.3.2023 до 11.7.2023 година, рече судијката. 

Обвинителот Дејан Петревски по објавата на пресудата побара од Судот да определи мерка притвор до правосилноста на пресудата за обвинетите Виктор Милановски и Саша Челикиќ, бидејќи, како што рече, смета дека во спротивно ќе се дадат во бегство.

Според бранителот на првообвинетиот, Виктор Милановски, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, обвинителот не приложил ниту еден доказ за сомневањата дека обвинетиот може да се даде во бегство. Додека, адвокатот Душко Јанковиќ, исто така, бранител на првообвинетиот, побара замена на мерката ефективен притвор со куќен притвор.

Бранителот на второобвинетиот, Саша Челичиќ, адвокат Драган Пешевски, истакна дека се противи на предлогот на јавниот обвинител.

Судот потоа донесе одлука во однос на Виктор Милановски да се продолжи притворот само по однос на опасност од бегство, а во однос на Саша Челичиќ не го прифати предлогот за притвор, со што за него остануваат мерки на претпазливост.

Во изјава за медиуми по пресудата, обвинителот Дејан Петревски, истакна дека за третото обвинето лице во овој случај, Александар Трпевски, постапката е во прекин а по лицето е издадена меѓународна потерница.

Во врска, пак, со потрагата по Самоил Костадиновски, обвинителот изјави дека не би сакал да коментира за истрагата. 

- Во оној момент кога ќе имаме нешто повеќе што можеме слободно да го споделиме ќе го направиме тоа, рече тој.

Изјава за медиуми по пресудата даде и таткото на Самоил, кој истакна дека сметаат дека изречената казна е мала и рече дека ќе се жалат на повисоките инстанци.

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против две лица, од кои едното е обвинето за кривично дело „грабнување“ од член 141 став 2 во врска со став 1, сторено во соизвршителство, додека, второто е обвинето за помагање при извршувањето на кривичното дело. За истиот настан, постапката против уште едно лице е привремено прекината до негово пронаоѓање и лишување од слобода.

Како што тогаш соопшти Јавното обвинителство на РСМ, на 3 март, на улицата „Христо Татарчев“, првообвинетиот, заедно со лицето кое се наоѓа во бегство и други непознати лица, извршиле грабнување на едно лице, со закана дека ќе го лишат од живот. Намерата им била да го натераат оштетениот да плати претходно украдена наркотична дрога – роба во количина од 4 килограми.

Второто лице опфатено со Обвинителниот акт со умисла им помогнало, ставајќи им на располагање средство за извршување на кривичното дело – автомобил „Волво В40“ со скопски регистарски ознаки.

Со возилото обвинетите го однеле оштетениот на непознато место спротивно на неговата волја. Во следните неколку дена, преку пораки на мобилни апликации од непознати испраќачи, членови на семејството и блиски лица на оштетениот добивале пораки со барање за уплата на средства за наводно преземена, а неисплатена наркотична дрога.

Со цел да се прикријат трагите, возилото со кое е извршено кривичното дело и во кое последен пат бил виден оштетениот, било опожарено во Драчево.

Јавниот обвинител, со поднесување на обвинението, предложи да биде продолжена мерката притвор за првообвинетиот, додека за помагачот претходно определените мерки на претпазливост да се заменат со мерка куќен притвор.

Процесот го води судијката Славица Наумова Јосифовска, застапник на обвинението е обвинителот Дејан Петревски. ар/аа/
Фото: МИА

 

 

Остани поврзан