• сабота, 21 декември 2024

Викендов во Кочани ќе се одржат традиционалните „Денови на кочанскиот ориз“

Викендов во Кочани ќе се одржат традиционалните „Денови на кочанскиот ориз“

Кочани, 25 септември 2024 (МИА) – Со крунисување на овогодишната жетварска убавица и музичка вечер со настап на македонската поп ѕвезда Каролина и диџеј забава со DJ Ацко, в петок почнува 33. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз 2024“.

По тој повод Општина Кочани организираше прес-конференција на која беа најавени програмските содржини што ќе се реализираат претстојниот викенд.

- Изборот на жетварска убавица в петок ќе се одржи на платото во Градскиот парк со почеток од 20 часот, а годинава ќе бидеме домаќини на гости од Црна Гора, Бугарија, Србија, Словенија, Унагарија, Босна и Херцеговина, како и од други градови од нашата држава. В сабота претпладне ќе биде отворена изложба на дела од нашата ликовна колонија „Св. Пантелејмон“, по што ќе следи празнично дефиле на здруженија, фолклорни ансамбли, институции и други групи, кои ќе имаат и настап на летната сцена во Паркот, истакна Ивана Карова Коцева од организацискиот одбор на манифестацијата.

В сабота ќе има повеќе музичко-забавни содржини за различни генерации посетители, а ќе бидат поставени и продажно-рекламни штандови од фирми и здруженија од Кочани.

-Традиционалното зажнејување и вршидбата на ориз ќе се одржи в недела од 10:30 часот на земјоделските површини во населбата Оризари, каде ќе биде доделено и овогодишното Признание за најуспешн земјоделец. Потоа ќе следува и културно-уметничка програма со настапи на оркестари, фолклорни ансамбли и концерт на Дамјан Стојаноски, додаде Аника Илијевска Ѓоргиева од Општина Кочани.

Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов посочи дека организациските активности за „Деновите на кочанскиот ориз“ се во завршна фаза.

-При крај е уредување на локацијата каде ќе се одвиваат настаните и подготовката во делот на приемот на делегациите кои ќе ни бидат гости оваа година. Очекувам да имаме успешна манифестација, со што ќе ја продолжиме 33-годишната традиција на одбележување на жетвените активности на оризот како главна земјоделска култура во овој регион. Ја користам приликата да ги повикам граѓаните и од другите градови да присуствуваат на сите настани, истакна Папазов.

Организаторите упатија благодарност до триесетината компании кои се јавија како спонзори и помогнаа во финасиската реализација на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз 2024“. та/мч/

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан