Велешки средношколци на работилница учеа како да користат алатки за работа во рамките на иницијатива поврзана со циркуларната економија
- Петнаесет средношколци од Велес во рамките на ЕУ проект денеска беа дел од работилница за основната употреба на алатите во секојдневниот живот што се одржа во просторијата на Младински центар Велес.

Велес, 8 април 2025 (МИА) - Петнаесет средношколци од Велес во рамките на ЕУ проект денеска беа дел од работилница за основната употреба на алатите во секојдневниот живот што се одржа во просторијата на Младински центар Велес.
Учесниците следеа презентација на која беше објаснета основната употреба на алатите, а потоа беа споделени и совети за нивно безбедно користење. Тие откако ја проследија презентацијата, гледаа кратки видеа преку кои дополнително се едуцираа за тоа како се користат алатите, а на крај од работилницата имаа и можност да пробаат да ги употребат основните алатки, како штрафцигер, метро, чекан и други алатки за работа.
Ивана Јордева од Младинскиот центар за МИА информира дека овие работилници се од нејзина иницијатива поврзана со циркуларна економија.
Денешната беше втора работилница, а на првата средношколците од градот изминатата недела имаа можност да се запознаат со поимот што е циркуларна економија, односно како да ги искористат старите расипани апарати за домаќинство и старата облека и наместо на депонија повторно да ги вратат во циркуларната економија.
Јордева најави и соработка со стручни професори од ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ од Велес кои потоа би ги научиле средношколците да поправаат расипани мали електро апарати за домаќинството. Целта е овие апарати повторно да ги вратат во употреба, односно во циркуларната економија наместо да завршат на Градската депонија, а потоа поправени од нив да ги подарат на граѓани од социјални семејства.
Од Младинскиот центар најавија дека третата работилница ќе биде одржана наредната недела на тема шиење и кроење. На неа средношколците од градот преку практичен пример ќе изучуваат за оваа тема и ќе научат како да применуваат вештини за шиење и кроење, а што ќе им помогне да создадат свои производи. Тоа би значело од старата облека која им стои неупотреблива во шкаф, наместо да ја фрлат на депонија, тие преку работилница да креираат нови парчиња облека кои потоа ќе ги подарат, со што ќе ги вратат во циркуларната економија.
Инаку денешната активност како и останатите се дел од проектот Граѓанското општество и младите за инклузивен и одржлив развој преку циркуларна економија во С.Македонија”, финансиран од Европската Унија и имплементиран од People in Need (PIN), АРНО, ЛЕАД и Ековита.а иницијативата за Циркуларна економија се спроведува од страна на Младински Центар Велес. ад/сст/
Фото МИА