Вградени првите два сензори за безболно и континуирано мерење на гликемија
- Со вградувањето на новите сензори за безболно и континуирано мерење гликемија кај 16 годишните близначки Јана и Јована Симоски, денеска беа презентирани новите сензори набавени за вкупно 650 пациенти и беше одбележан Светскиот ден на дијабетесот во Универзитетската клиника за детски болести во Скопје. Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, на денешната посета на Универзитетската клиника за детски болести истакна дека набавени се сензори за 650 пациенти, наменети за деца и млади до 18 години со дијабет тип 1, бремени жени со дијабет тип 1, слепи лица, а останатите сензори ќе бидат доделени на Универзитетската клиника за ендокринологија.
Скопје, 13 ноември 2023 (МИА) - Со вградувањето на новите сензори за безболно и континуирано мерење гликемија кај 16 годишните близначки Јана и Јована Симоски, денеска беа презентирани новите сензори набавени за вкупно 650 пациенти и беше одбележан Светскиот ден на дијабетесот во Универзитетската клиника за детски болести во Скопје.
Министерот за здравство Фатмир Меџити, на денешната посета на Универзитетската клиника за детски болести истакна дека набавени се сензори за 650 пациенти, наменети за деца и млади до 18 години со дијабет тип 1, бремени жени со дијабет тип 1, слепи лица, а останатите сензори ќе бидат доделени на Универзитетската клиника за ендокринологија.
- Драго ми е што конечно се набавени сензори за дигитално мерење на гликемија. Наместо вообичаеното боцкање, процедура која е болна и создава траума кај децата, сега гликемијата ќе им се мери со помош на сензорите кои се посебен вид на технологијата. Со ова значајно го зголемуваме квалитетот на животот на децата, нагласи Меџити.
Тој додаде дека обврска на Министерството за здравство е да обезбеди што подобра грижа за малите пациенти кои треба да пораснат во здрави личности.
- Како министер за здравство и во следниот период ќе се залагам најсовремените начини за третман на дијабетес да бидат достапни за нашите пациенти, бидејќи кога станува збор за пациент со дијабет, треба да имаме предвид дека станува збор за начин на живот, порача министерот во рамки на посетата.
Меџити ги истакна придобивките од употребата на овие сензори, а тоа се постигнување и одржување на гликемијата што е можно понормално во секое време, оптимизирање на способноста за учење кај младите луѓе со дијабетес а со што се обезбедува нормален квалитет на живот., како и намалување на трошоците за лекување.
На настанот покрај министерот се обратија и претседателот на Националната комисија за дијабетес, д-р. Ирфан Ахмети, Цвете Серафимовски од Здружението за детски дијабетес „Баланс МК“ и директорката на Универзитетската клиника за детски болести, д-р. Стoјка Нацева-Фуштиќ.
- Со иницијатива на министерот дојдовме до реализацијата на одамна бараните сензори кои се потребни не само за децата, туку и за другите лица асо дијабет тип 1, истакна претседателот на Националната комисија за дијабетес, д-р. Ирфан Ахмети и нагласи дека се надева дека во иднина ќе најдат средства за повеќе сензори.
Ахмети истакна дека станува збор за современи сензори кои што предвидуваат ризици и потенцираше дека Светскиот ден на дијаветесот е посветен на едукацијата, а оваа година во фокус се ризиците, еден од кои е и хипогликемија.
Цвете Серафимовски од Здружението за детски дијабетес „Баланс МК“ им се заблагодари на министерот Меџити кој ја виде потребата од овие сензори и ја реализира, на претходниот министер кој ја подготви нивната набавка и на вицепремиерот Фатмир Битиќи кој исто така придонес во реализацијата на набавката.
Директорката на Универзитетската клиника за детски болести, д-р. Стoјка Нацева-Фуштиќ, нагласи дека со денешното презентирање на сензорите од страна на Министерството за здравство, клинилка се приклучува на одбележувањето на Светскиот ден на дијабетесот.
- Опремена е посебна просторија за едукација во Универзитетската клиника за детски болести со поддршка на Здружението за дијабетес, нагласи директорката.
Близначките Јана и Јована први ги добија сензорите за безболно и континуирано мерење гликемија. сан/ац/
Фото: МИА