• сабота, 16 ноември 2024

Бугарите во Албанија се исклучително интересна заедница и тие се меѓу најстарите бугарски заедници на Балканот, рече доц. Спас Ташев

Бугарите во Албанија се исклучително интересна заедница и тие се меѓу најстарите бугарски заедници на Балканот, рече доц. Спас Ташев

Софија, 15 ноември 2024 (МИА/БТА) - Бугарите во Албанија се една исклучително интересна заедница и тие се меѓу најстарите бугарски заедници на Балканот, но истовремено се и најмладата во однос на признавањето – признаени се во 2017 година. Ова го изјави доц. Спас Ташев на прес-конференција на тема „Пописот во Албанија во 2023 година и бугарското национално малцинство: резултати и последици за Западен Балкан“, која се одржа во Институтот за истражување на населението и човекот при Бугарската академија на науките (БАН).

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Тој информира дека на територијата на Албанија постојат четири историски бугарски заедници – Мала Преспа со девет села, каде што има само Бугари христијани; Голо Брдо со 16 бугарски села, каде што сега меѓу 95 и 99 проценти од населението се само Бугари муслимани; Полето со шест села; и Кукска Гора со девет села, каде што 100 проценти од населението се Бугари муслимани.

„Сите достапни статистики до 1944 година – османлиската статистика, албанската статистика, француската статистика, австро-унгарската статистика, италијанската статистика и бугарската статистика – го регистрираат ова население како бугарско“, изјави доц. Ташев.

Тој зборуваше и за реалниот број лица со бугарско потекло, при што под бугарско потекло се подразбира дека „тоа се лица чии предци во минатото биле признаени како Бугари, но тоа не значи дека нивните потомци денеска имаат бугарски идентитет по секоја цена“. Доц. Спас Ташев нагласи дека редовно ја посетува Албанија од 1992 година и собира статистички податоци.

„Доколку во 90-тите години 95 проценти од Бугарите живееле во овие четири региони, денес сметам дека дури се под 20 проценти, според податоците од пописот во 2023 година“, рече доц. Ташев. Тој додаде дека во 2017 година, по неколку обиди и со собирање на 5000 потписи кои биле предадени на албанскиот парламент, а копии од нив и во Европскиот парламент, Албанија го призна бугарското национално малцинство.

„До денес се регистрирани девет бугарски организации, речиси 8000 Бугари од Албанија добиле бугарско државјанство. Многу важно е што над 800 студенти дипломирале или моментално студираат во Бугарија, при што голем дел од нив или остануваат тука или се враќаат во Албанија. Тие моментално работат и како наставници во бугарските саботно-неделни училишта. Вкупниот број бугарски ученици во Албанија во периодот 2015–2024 година е 2142“, истакна доц. Спас Ташев.

Тој информира дека „веќе долго време постои иницијатива за создавање на бугарска гимназија во Тирана, за овие деца, кои главно живеат во главниот град Тирана, да можат да го добиваат своето образование на бугарски јазик“.

„Друг значаен проблем кој се истакнува е потребата од создавање на електронски и печатен медиум. Во моментов Националната албанска телевизија има петминутна емисија на литературен бугарски јазик, но тоа не е доволно. Релјефот на Албанија е планински, па освен во главниот град, многу тешко се дистрибуира до овие погранични бугарски региони. Ако се направи добар информативен сајт, поддржан и со печатено издание, Бугарите ќе бидат многу пообединети и полесно ќе комуницираат меѓу себе. Тоа ќе помогне и за контактите со Бугарија“, изјави доц. Ташев.

Тој зборуваше и за потребата од создавање база на податоци со сите студенти кои завршиле образование во Бугарија – Бугари од Албанија. Оваа база на податоци треба да биде достапна за бугарските компании кои имаат интерес за Албанија. Ова се подготвени кадри кои можат да се искористат за проширување на економските контакти меѓу двете земји, нагласи доц. Спас Ташев.

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

Остани поврзан