Борел ќе ги посети Египет и Либан
- Првиот дипломат на Европската унија Жозеп Борел денеска заминува на повеќедневна посета на Блискиот Исток за да лобира за прекин на огнот, со посети на Египет и Либан.
Брисел, 8 септември 2024 (МИА) – Првиот дипломат на Европската унија Жозеп Борел денеска заминува на повеќедневна посета на Блискиот Исток за да лобира за прекин на огнот, со посети на Египет и Либан.
Борел планира утре во Каиро да се сретне со египетскиот претседател Абдел-Фатах ал-Сиси, а исто така да го посети и граничниот премин Рафа до Појасот Газа, соопшти канцеларијата на ЕУ за надворешни работи во Брисел.
Состанокот со посредници од Египет, Катар и САД е „високо на агендата“, соопшти неговиот кабинет.
Борел во вторник планира да се сретне со египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абдел-Ати и да учествува на состанокот на Арапската лига.
Во среда и четврток, Борел ќе престојува во Либан каде ќе се сретне со премиерот Наџиб Микати, со претседателот на парламентот Набих Бери и со командантот на либанските вооружени сили генерал Џозеф Аун.
Тој ќе се сретне и со министерот за надворешни работи и емигранти на Либан, Абдалах Бу Хабиб по што ќе одржи прес-конференција.
Борел ќе разговара со својот либански колега за поддршката на ЕУ за „отпорноста и стабилноста на Либан“ и за улогата на Либан во регионот. јт/