Борел: На Блискиот Исток треба да замолчи оружјето, а да зборува дипломатијата
- Масовните израелски напади врз Бејрут и низ цел Либан, што почнаа минатиот петок, иако се насочени кон цели на Хезболах, сепак претставуваат кршење на суверенитетот на една независна држава, изјави синоќа високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел по завршувањето на неформалниот онлајн состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Унијата.
Брисел, 1 октомври 2024 (МИА) - Масовните израелски напади врз Бејрут и низ цел Либан, што почнаа минатиот петок, иако се насочени кон цели на Хезболах, сепак претставуваат кршење на суверенитетот на една независна држава, изјави синоќа високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел по завршувањето на неформалниот онлајн состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Унијата.
- Ова е момент на вистината за Либан. Момент на вистината кога оваа земја, која е среде војна, и Европската Унија треба заедно да се обврзат за зачувување на институциите на државата од ризикот од колапс, изјави Борел, додавајќи дека тоа е и причината што го свикал вчерашниот неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Според Борел, сега треба да замолчи оружјето, а да зборува на дипломатијата за сите да го слушнат неговиот глас.
Тој додаде дека на состанокот се разговарало за влошувањето на состојбата во Либан, за заложбите на Европската Унија за изнаоѓање на политичко решение и за спречување на понатамошна ескалација и продлабочување на конфликтот.
- Европската Унија континуирано се залага за отворање на вратата за дипломатско решение, за итен прекин на огнот, за прераспоредување на либанските Вооружени сили, за избор на претседател во Либан, за формирање Влада и за обезбедување услови за целосно имплементирање дека Резолуцијата 1701 на (Советот за безбедност на ОН), додаде Борел.
Тој нагласи дека на состанокот било оценето оти ова состојба претставува ескалација на прекуграничните ракетирања од страна на либански Хезболах врз израелска територија, започнати по 7 октомври по нападот на Хамас врз Израел, поради што се признава правото на израелската држава да се брани, но дека при тоа мора да се има предвид меѓународното хуманитарно право.
Според него, секоја понатамошна воена интервенција драматично би ја влошила ситуацијата и таа мора да се избегне.
- Ние сме многу загрижени поради ризикот од понатамошна ескалација на конфликтот низ регионот и ги повикуваме страните во регионот да покажат воздржаност во интерес на деескалација, рече високиот претставник на ЕУ.
Борел додаде дека поради конфликтот меѓу Израел и Хезболах, голем број Израелци и Либанци морале да ги напуштат своите домови, нагласувајќи, дека во Либан веќе има околу еден милион внатрешно раселени лица, од кои некои дури „се обидуваат да заминат во Сирија“.
- Ова масовно раселување на либанскиот народ кон север очигледно ги зголемува потребите за хуманитарна поддршка. Како што знаете, претседателката (на ЕК, Урсула) фон дер Лајен веќе најави поддршка од една милијарда евра за Либан. Паралелно, од Европскиот мировен механизам, одвоивме нова помош од 15 милиони евра за 2024 година. Но, со оглед на сегашните околности се размислува за дополнителна поддршка од Европската Унија, рече Борел.
Тој додаде дека е потребна поддршка и за либанските Вооружени сили, кои „се јадрото на либанското општество и државност“ и кои мора да продолжат да играат клучна улога „како гарант за домашната и за регионалната стабилност“.
- На 23 септември усвоивме нова мерка за помош во зајакнувањето на либанските Вооружени сили и подготвени сме да ја зголемиме поддршката во зависност од тоа како ќе се развива ситуацијата, нагласи Борел.
Според него во сегашната состојба, клучна стабилизациска улога има Мисијата на ОН во Либан (УНИФИЛ), па затоа Европската Унија и нејзините земји членки се подготвени да ја надградат својата постојана поддршка на УНИФИЛ.
Борел нагласи и дека ЕУ повикува на итен состанок на Советот за безбедност и дека ќе ги искористи сите дипломатски напори со цел да се заложи за прекин на огнот.
- Во овој момент, сите либански лидери треба да ги стават националните интереси на прво место и да работат заедно за обнова на функционирањето на либанските државни институции, особено со избор на претседател и формирање на влада со полн капацитет. Ние сме подготвени да му помогнеме на Либан во консолидацијата на државните институции и во преземањето на чекорите потребни за негово закрепнување, порача Борел. сп/
Фото: Скриншот