• петок, 22 ноември 2024

Борел: Лондон, Берлин и Париз сметаат дека Иран не ги исполнува обврските од Договорот за нуклеарната програма 

Борел: Лондон, Берлин и Париз сметаат дека Иран не ги исполнува обврските од Договорот за нуклеарната програма 

Брисел, 15 септември 2023 (МИА) – Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел информира дека добил известување од Велика Британија, Германија и Франција дека Иран не ги исполнува обврските од Заедничкиот сеопфатен акциски план, што се однесуваат на иранската нуклеарна програма. 

- Тие потсетуваат дека ја изразуваат својата загриженост дека Иран не ги исполнува своите обврски во рамките на Планот и го упатија ова прашање до Заедничката комисија во рамките на Механизмот за решавање спорови, наведува во писмената изјава Борел, кој воедно е и координатор на Заедничка комисија за спроведување на Акцискиот план. 

Тој додава и дека трите земји планираат „да не преземаат чекори во врска со укинување на понатамошните санкции“ за Иран. 

- Како што беше побарано, го доставив писмото до другите учесници во Акцискиот план - Кина, Иран и Руската Федерација. Како координатор, ќе се консултирам со сите страни вклучени во Планот за следните чекори. Останувам целосно посветен и нема да штедам напор за обновување на Планот и продолжување на целосното спроведување на договорот, додава Борел во изјавата. 

Заеднички сеопфатен акционен план, попознат како Ирански нуклеарен договор или Договор за иранската нуклеарна програма, беше постигнат во Виена на 14 јули 2015 година, меѓу Иран и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН – Велика Британија, Кина, Русија, САД и Франција - и плус Германија, со учество на Европската Унија. 

Формалните преговори за Договорот започнаа со усвојување на Заедничкиот акциски план, како привремена спогодба потпишана меѓу Иран и останатите шест земји во ноември 2013 година. Во април 2015 година беше договорена Рамката на иранскиот нуклеарен договор, по што во јули беше склучен Заедничкиот сеопфатен акциски план, заедно со Договорот за патокази меѓу Иран и Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). Договорите имаа за цел да ја намалат загриженоста на меѓународната заедница дека Иран работи на производство на нуклеарно оружје и покрај тврдењата на Техеран дека неговата нуклеарна програма е наменета исклучиво за мирновременски цели. 

Во мај 2018 година САД се повлекоа од Планот, при што тогашната Администрација во Вашингтон најави преговори за „подобар договор“, но до крајот на мандатот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп тоа не беше сторено.  

Од друга страна, експерти и аналитичари проценуваат дека по американското повлекување од Планот, Иран дошол чекор поблиску до развој на нуклеарно оружје. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан