• петок, 22 ноември 2024

Битиќи: Средните стручни училишта столбови за развој на образованието

Битиќи: Средните стручни училишта столбови за развој на образованието
Скопје, 3 октомври 2022 (МИА) - Над 90 отсто од невработените во земјава се функционално неписмени или нефункционално писмени, а 63 отсто од нив се без основно или незавршено основно образование. Ова е фактичката состојба, ова е кадарот кој жедниот пазар за труд не може да го впие зашто е несоодветен. За ова мора да зборуваме, ова е децениски проблем и исклучително важно. Концептот на доживотно учење, на доквалификација и преклвалификација е реалност која секој мора да ја прифати. Тоа е можеби тешко, имајќи го предвид системот од кој излеговме, но поминаа три децении и редно е да го фатиме чекорот. Треба да се свртиме кон вработливоста, да го мериме кадарот со квалификации потребни за современиот пазар на труд кој веќе не подразбира тешка индустрија, туку роботика, мегатроника и вештачка интелигенција. Ова го истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во обраќањето на денешната Национална конференција „Подобрување на системот за СОО во 5 региони – потенцијал и проценка на капацитетите на средните стручни училишта во регионите“. Битиќи напомена дека средните стручни училишта се можеби столбот за развој на образованието, а младите, пазарот на трудот и миграцијата се трите меѓусебно поврзани фактори кои мора така, холистички, да се гледаат. Според вицепремиерот, за ситуацијата треба да се зборува отворено и проблемите јасно да се кажат  зашто во спротивно, прогрес не може да се постигне. Сега кога сме во скрининг процес, треба точно, фактички и искрено да измапираме каде сме јаки, а каде слаби, на што треба да работиме со многу интенција, но и да разбереме дека сето тоа не го правиме за некој друг, туку за нас, за нашата иднина и нашиот развој. -Млади, пазар на труд и миграција – сите се поврзани и меѓусено зависни и ако не ги гледаме холистички и не успееме да ја адресираме нивната комплексност, ќе имаме и следни 30 години во кои ќе се прашуваме што правиме погрешно. Фактите се непријатни и не звучат политички позитивно. Веројатно се очекува од некој што е на позиција како мојата да ги каже на јавен настан само добрите вести. Но, се додека не зборуваме со факти, со вистината или реалноста на ситуацијата, нема да го постигнеме прогресот што ни треба, нагласи Битиќи. Национална конференција „Подобрување на системот за СОО во 5 региони – потенцијал и проценка на капацитетите на средните стручни училишта во регионите“ е дел од активностите на проектот „Зголемување на атрактивноста, инклузивноста и релевантноста на стручното образование и обука и образованието на возрасни“ чија цел е усогласување на вештините на младите и возрасните согласно потребите на пазарот на труд преку зголемување на пристапот до квалитетно стручно образование, обука и образование за возрасни. мч/вј/

Остани поврзан