• петок, 22 ноември 2024

Битиќи: Праведната транзиција кон обновливи извори на енергија е свесен и совесен избор за секоја влада

Битиќи: Праведната транзиција кон обновливи извори на енергија е свесен и совесен избор за секоја влада
Скопје, 17 ноември 2022 (МИА) - Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска преку видео врска се обрати на Конференцијата поврзана со праведната енергетска транзиција и како производството на енергија базирано на јаглен постепено ќе биде заменето со обновливи извори на енергија и капацитети за складирање на истата, како и импликациите врз енергетската безбедност и работниците. Конференцијата, како што информираат од кабинетот на Битиќи, е во организација на проектот „Дијагностика на праведна транзиција“ финансиран од ЕУ, имплементиран од страна на консултантската куќа „ПЛАНЕТ“ од Грција.-Праведната транзиција е свесен и совесен избор за секоја влада. Избор кој е неизбежен ако ги погледнеме макроекономското опкружување и среднорочните до долгорочни енергетски трендови на светскиот пазар. Она што треба да го планираме е како да ги замениме работните места поврзани со јаглен со други работни места. Целта е никој да не остане изоставен како и како да ја замениме енергијата од јаглен со друга енергија за да имаме континуирана сигурност во снабдувањето по најниска можна цена, истакнал Битиќи.Според него, се увидело дека обновливите извори на електрична енергија стануваат поевтини и поевтини. Исто така, вели, има голем број земји кои наметнуваат цени и даноци на јаглеродот кои имаат за цел да ја зголемат конкурентноста на економиите засновани на обновливи извори во однос на економиите засновани на фосилни горива, како што е нашата во моментов. -Затоа, во национален интерес е да се зајакне учеството на обновливите извори на енергија во нашиот енергетски микс што е можно порано за да се искористи намалувањето на трошоците и да се остане конкурентен. Ова стана уште пореално и ургентно по руската инвазија на Украина и последователно наглото зголемување на цените на клучните фосилни горива и зголемените ризици за нивно обезбедување. Факт е дека сите европски влади мака мачат да се справат со претстојната зима. Ние сме меѓу нив. Сепак, мора да сфатиме дека ќе има уште една зима, а потоа друга и така натаму. Треба да се погрижиме да мислиме на долг рок додека планираме и на краток рок. Не смееме да заборавиме на важното за итното, нагласил Битиќи на конференцијата.Според него, мора да се зголемат обновливите извори на енергија што е можно побрзо и да се инвестира во складирање на енергија, вклучително и зелен водород, како и во мрежи за да имаме чиста енергија цело време, дури, како што вели, и кога сонцето не сјае, а ветерот не дува. -Со нетрпение очекуваме да слушнеме на оваа Конференција денес за различни технологии за складирање кои на крајот ќе овозможат обновливите извори на енергија да го заменат јагленот. За што секако ќе ни треба поддршка и од развојните партнери. Со нетрпение очекуваме да слушнеме како вие, развојните партнери, можете да нé поддржите во инвестициите што ќе го направат нашиот енергетски систем поотпорен, исплатлив и побезбеден. Многу би сакале да видиме координиран пристап од развојните партнери, создавање финансиски механизам како оној што се спроведува во земјите-членки на ЕУ за праведна транзиција, нагласува вицепремиерот.Тој нагласува и дека со доволна поддршка, Северна Македонија може да стане пример за праведна енергетска транзиција кој може да послужи како пример не само за Западен Балкан, туку и за многу други земји. сст/дма/

 

Остани поврзан