• петок, 06 септември 2024

Бисерко и Чанак побарале од Курти да го спречи планот на Белград за „иселување на косовските Срби во Санџак“

Бисерко и Чанак побарале од Курти да го спречи планот на Белград за „иселување на косовските Срби во Санџак“

 

Приштина, 2 септември 2024 (МИА) – Косовскиот премиер Албин Курти во неделата се сретнал со претседателката на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија, Соња Бисерко, српскиот опозициски политичар, Ненад Чанак и директорот на Центарот за хуманитарен дијалог, Марк Баскин, со кои, меѓу другото, разговарал за положбата на српската заедница во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението од службата за информирање на Владата на Косово се наведува дека Курти бил информиран од страна на гостите од Србија дека „Белград планира иселување на косовските Срби во Санџак“ и дека за таа цел во тој српски регион се градат куќи и станови.

Според соопштението, Бисерко, Чанак и Баскин побарале од Курти да се обиде да го спречи реализирањето на намерата на властите во Белград.

„На средбата, Бисерко, Чанак и Баскин го информираа премиерот дека се зборува оти официјален Белград планира преселба на косовските Срби, особено оние од северот, во Санџак, каде, како што се вели, се градат куќи и станови за нив. Тие апелираа до премиерот Курти да се обиде да го спречи таквото сценарио. Премиерот Курти ја повтори важноста на демократијата, владеењето на правото и еднаквоста за сите граѓани на Косово и особено вклученоста на српската заедница во сите аспекти на економијата и општеството, се вели во соопштението од владината прес-служба.

Курти, според соопштението, ги информирал гостите од Србија за „правата што ги уживаат немнозинските заедници во Република Косово, како и за напорите што Владата ги прави за зголемување на можностите за овие заедници во повеќе области, како што се образованието, вработувањето и нивната безбедност“.

Курти им се заблагодарил на Бисерко, Чанак и Баски за „посветеноста на градењето мостови на мир и соработка“.

Остани поврзан