• сабота, 21 декември 2024

Бербок пристигна во Сараево: БиХ мора да ја искористи шансата

Бербок пристигна во Сараево: БиХ мора да ја искористи шансата

Сараево, 5 март 2024 (МИА) - Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок денеска во Сараево изјави дека Босна и Херцеговина мора да ја искористи историската можност за отворање на пристапните преговори со Европската унија.

Бербок пристигна во Босна и Херцеговина како дел од новата дипломатска иницијатива чија цел е да ги охрабри властите во БиХ да усвојат реформски закони до 20 март за да може Европскиот совет да донесе одлука за отворање на пристапните преговори.

Услов за тоа е донесување на три нови закони и реформа на постојниот изборен закон преку технички измени кои треба да обезбедат интегритет на изборниот процес.

Парламентот на Босна и Херцеговина досега успеа да го донесе законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, а останува да се донесат закони за судови и за спречување судир на интереси.

Германската министерка допатува во Сараево за да се сретне со највисоките претставници на Босна и Херцеговина веднаш по шефовите на дипломатиите на Италија и Австрија, Антонио Тајани и Александар Шаленберг.

Бербок за новинарите изјави дека дошла да ја поддржи БиХ бидејќи „европската идеја се бранела во Сараево пред 30 години“, а денес, како што истакна, „се брани во Киев, бидејќи Владимир Путин сега со насилство се обидува да ја одвои Украина од Европа“.

Таа рече дека отсуството на активна политика за проширување на Унијата се покажало како проблем, па владата во Берлин е за сите шест земји од Западен Балкан да станат полноправни членки.

-Ова ќе ја зајакне Европа бидејќи тогаш нема да има повеќе „сиви зони“ во неа, рече Бербок.

Таа посочи дека Берлин сака БиХ да влезе во ЕУ како целосна земја и најави дека јасно ќе се идентификуваат сите „сецесионистички фантазии“ и ќе се спречи нивното остварување. Таа ги повика властите на босанските Срби да го сфатат тоа сериозно.

-Оваа земја сега се наоѓа на одлучувачки крстопат и оваа можност мора да се искористи, рече Бербок, додавајќи дека напредокот во проширувањето на ЕУ е можен само доколку реформите се спроведат брзо и доследно. Таа го нарече „важен дел од таа загатка“ донесувањето на законот за борба против перење пари, додавајќи дека сега се чекаат други закони бидејќи се важни за воспоставување на правната држава, исто како што техничките прилагодувања на изборните закони се важни за спроведување на локалните избори во октомври. Очекува политичарите во Босна и Херцеговина сами да го договорат тоа за да не мора да интервенира високиот претставник Кристијан Шмит.

-Би било штета ако високиот претставник треба да го наметне тој (изборен) закон, предупреди Бербок.

Министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ изјави дека Германија била и останува еден од најважните партнери на БиХ и дека во овој момент, кој го нарече историски, го смета тоа пријателство за уште поважно.

-Конкретните понуди што ги имаме на маса од ЕУ... се примери дека Унијата во моментов ширум ги отвора вратите и се надевам дека моите колеги во Владата ќе продолжат со спроведување на не така лесните реформи и обврски, рече Конаковиќ, посочувајќи дека на сите им е јасно дека до 20 март Босна и Херцеговина мора да донесе важни закони.

„Се надеваме на пристапни преговори“, рече Конаковиќ, додавајќи дека се надева на позитивна одлука на Европскиот совет затоа што е исклучително сериозно прашање што ќе се случи со Босна и Херцеговина ако тоа не се случи, бидејќи Русија се заканува да „собере фрустрации „ од регионот и да ги претвори во свои интереси.

Како што посочи, отворањето на пристапните преговори треба да им покаже на граѓаните на Босна и Херцеговина дека компромисите се исплатат и дека актуелните власти остануваат посветени на тој пристап. Тој ги повика сите земји од Западен Балкан да соработуваат за да се елиминираат стравувањата во Унијата дека преку интеграција ќе донесат свои проблеми и конфликти во Унијата. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан