• недела, 22 декември 2024

Бербок за Србија: Владеењето на правото, ЦЕФТА и нормализацијата со Приштина клучни на патот кон ЕУ

Бербок за Србија: Владеењето на правото, ЦЕФТА и нормализацијата со Приштина клучни на патот кон ЕУ

Белград, 2 октомври 2024 (МИА) - Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, на маргините на министерскиот состанок на Берлинскиот процес во Берлин, на средбата со министерот за надворешни работи на Србија Марко Ѓуриќ изјави дека владеењето на правото, ЦЕФТА и нормализацијата на односите со Приштина се централни точки на патот на Србија кон Европската унија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Интензивниот дијалог е основата на дипломатијата. Владеењето на правото, ЦЕФТА и нормализацијата со Косово се централни точки на патот кон ЕУ. Германија останува партнер за понатамошни реформи, соопшти синоќа германското Министерство за надворешни работи на „Х“.

Ѓуриќ претходно вчера изјави дека на средбата со Бербок се разговарало за соработката меѓу двете земји, како и за економските резултати на Србија и дијалогот меѓу Белград и Приштина, нагласувајќи дека за Србија членството во ЕУ претставува стратешка определба и приоритет на надворешната политика.

Кога станува збор за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Ѓуриќ изјави дека на Бербок и кажал дека Белград е посветен на дијалогот, додека Приштина од самиот почеток покажува крајна неконструктивност и неподготвеност да ги спроведе договорите, особено оние поврзани со формирањето на Заедницата на српските општини. об/

 

Остани поврзан