• недела, 18 август 2024

Бен Андони: Казната на историјата и јаболкото на раздор на Македонија со Бугарија 

Бен Андони: Казната на историјата и јаболкото на раздор на Македонија со Бугарија 

Тирана, 18 август 2024 (МИА) – Еден од најпознатите албански аналитичари Бен Андони во подолгата анализа „Казната на историјата и јаболкото на раздор на Македонија со Бугарија“ објавена во Faktoje.al се задржува на пописот во Албанија, не признавањето на пописните резултати од страна на малцинствата, верските заедници и опозицијата, при тоа пренесувајќи став и на Васил Стерјовски, лидер на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ).

-Опозицијата покрена обвинувања за манипулирани податоци, додека малцинствата и верските заедници се загрижени за новата стратиграфија на нивните заедници. Резултатите беа горчливи за сите слоеви. За волја на вистината, пописот од 2023 година произведе „интересни“ податоци и за малцинствата во Албанија. Најголем удар доби македонската заедница, која е преполовена. Во моментов има 2.281 македонско малцинство, додека во 2011 година биле изјаснети 5.512 жители. За првпат беа пресметани и бугарското и бошњачкото малцинство, односно ни ги дадоа бројките од 7.057 Бугари и 2.963 Бошњаци. Токму оваа висока бројка на бугарското малцинство во однос на македонското, покрена обвинувања за манипулација од страна на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) за податоците од пописот и не само тоа, пишува Андони.

Реакцијата на македонската заедница од Албанија беше очекувана и итна, оценува тој и пренесува реација на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), како единствена партија која ги застапува интересите на македонската заедница во Албанија, која „изразува огорченост и непризнавање на објавените резултати од Пописот во 2023 година, нагласувајќи дека бројките за македонското малцинство се манипулирани и фалсификувани. Пописот на населението не беше фер и транспарентен и не беа применети ниту меѓународните стандарди на Евростат“.

-Пасивно не остана ниту Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, кое ја изрази својата загриженост за податоците од пописот спроведен во Албанија во 2023 година поради „објавувањето на прелиминарните податоци кои, за жал, не ја одразуваат соодветно реалната бројка на етничките Македонци во земјата“. Министерството за надворешни работи во Скопје изрази незадоволство и силна реакција поради употребата на зборот „Северномакедонци“, додава тој.

Од друга страна, според Андони, здружението „Просперитет Голо Брдо“ ја изразило „својата воодушевеност за бројките“. 

-Нејзиниот претседател, Хаџи Пируши, беше многу среќен за резултатите од Пописот во 2023 година: „Нашата организација е создадена на 5 мај 2000 година, за да го потврди и заштити наследениот бугарски јазик. Нашата земја каде што живееме: Собранието, Владата донесоа историска одлука никогаш досега не донесена од никој, бидејќи ова право не ни беше признаено од 1938 година, кога беше признаено, но не спроведено, изјави тој za Faktoje.al.

Сепак, протестот и негодувањето на македонската заедница не престануваат, наведува Андони, пренесувајќи став на Васил Стeрјовски, претседател на МАЕИ.

 -Во 11-те пописи спроведени во Албанија во текот на 100 години, ниту еден жител не се изјаснил како Бугарин. Постоењето на бугарско малцинство во Албанија не е документирано во ниту еден мониторинг извештај на меѓународните организации кои се занимаваат со почитување на правата на малцинствата, како што е Советот на Европа, кој го следи спроведувањето на Рамковната конвенција за заштита на правата на Националните малцинства. Ниту во Првиот извештај за правата на националните малцинства на Народниот правобранител од 2015 година, не е потврдено постоењето на бугарското малцинство во Албанија, вели Стерјовски.

Според Андони со бројките не се согласуваат ниту грчкото а ниту другуте малцинтва, како и православната и католичката верска заедница.

-Во случајот со грчкото малцинство и верските заедници, загриженоста за бројките беше присутна, но исто така и оправдана, најголема тежина на проблемот зазеде  загриженоста на македонската заедница кон бугарската. Албанскиот конфликт на блиските етнички заедници не е случаен. Бугарија и Северна Македонија се во големи несогласувања по отцепувањето на втората од поранешна Југославија, која, за разлика од другите републики, се отцепи без проблеми и без војна. Проблемите меѓу нив се сведуваат на прашања за идентитетот, јазикот и историјата, кулминирајќи во изминатите три години со тековниот бугарски блок за официјалната интеграција на Скопје во Европската унија, наведува тој.

Потсетува дека Собранието на Албанија со консензус меѓу главните политички сили во 2017 година го усвоило законот „За заштита на националните малцинства во Република Албанија“. Во смисла на овој закон, национални малцинства во Република Албанија се грчкото, македонското, влашкото, ромското, египтјанското, црногорското, босанското, српското и за првпат бугарското малцинство.

-Во тоа време, бугарскиот премиер Бојко Борисов како историско достигнување за Бугарија го опиша фактот што Албанија го призна бугарското малцинство во земјата: „По 104 години Албанија ја призна бугарската етничка заедница. Ова признание е резултат на извонредните напори што бугарската дипломатија ги направи во одбрана на правата на Бугарите надвор од границите на земјата“. Бугарскиот премиер во својата објава, веднаш по гласањето, му посвети посебна благодарност на албанскиот премиер Еди Рама, кој, според Борисов, го одржал ветувањето дека нема да ги наруши интересите на бугарската заедница во Албанија, стои во анализата на Андони.

Во однос на ова пренесува став и на Стерјовски.

-Иако во предлог-законот доставен до Собранието од страна на Министерството за Европа и надворешни работи предвидуваше признавање на осум постоечки национални малцинства (Грци, Македонци, Власи, Срби, Црногорци, Босанци, Роми и Египтјани), во последен момент нашата земја подлегна на притисоците од Бугарија со ветото за членство во Европската Унија и со овој закон беше признаено непостоечко бугарско малцинство во Албанија. Тогаш како македонско малцинство реагиравме дека признавањето на непостоечкото бугарско малцинство значи геноцид за македонското малцинство затоа што Бугарија бара малцинство во областите каде што живее македонското малцинство долж албанско-македонската граница. Истовремено, истакнавме дека Бугарија ќе го злоупотреби своето членство во Европската унија за да ја продлабочи горенаведената цел: асимилација на македонската заедница во Албанија и создавање на непостоечка бугарска заедница, одговори за Faktoje.al претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски, наведува Андони.

Но, додека македонското малцинство во Албанија реагираше остро, се чини дека државата Северна Македонија беше претпазлива, нагласува Андони пренесувајќи изјава на директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски.

-Фактот што дел од албанското население е идентификувано како бугарско за време на пописот поради значителни бугарски напори, не го смета за неуспех од страна на Албанија, туку тој посочи дека пописот потенцијално може да се повтори. Секаде во светот, во земјите каде што се собираат податоци за етничкиот идентитет, овие информации мора да ја одразуваат слободната волја на лицето што ги дава, рекол Симовски.

Во однос на барањето на малцинствата за нов попис вели дека е можно но тоа е многу скап процес.

-Одлуката е на албанската влада, и како пример е повтоениот попис на населението кај нас во 1991 година. Знаете, овие операции се многу скапи. Но, она за што сум уверен и не можам да ги обвинам колегите во Албанија е дека според правилата, методолошките решенија и сите стандарди, за кои сум целосно свесен, никој не влијаел на податоците. Тоа е лична изјава. Не можеш некого да натераш нешто да се изјасни и не можеш да кажеш дека порано немало Бугари и дека не треба да се декларираат како такви, додал Симовски.

Новата историја на третирањето на ова малцинство, посочува Андони, започнува со бугарскиот пат кон Европа. Движењата на дел од малцинствата, познати како Горани (но кои Албанците ги поистоветуваа со потомците на Богомилите) за добивање бугарски пасоши многу се интензивираа по влезот на Бугарија во ЕУ. Деветте села што ја сочинуваат областа Гора на североистокот на земјата се населени со жители кои наследиле словенски јазик сличен на македонскиот и за кои се смета дека се населиле таму помеѓу 11 и 13 век, кога Бугарија ја зафати богомилското движење - што жителите го изговараат „Саканите од господ“.

-Вистината е дека по 90-тите, заедницата честопати беше искушувана од понуди за балканско државјанство. Србите дојдоа на почетокот на 90-тите и безуспешно се обидоа да ја подготват Гора како нивно малцинство во Албанија. Македонците отидоа понатаму со ветување пасоши на Гораните. Но само Бугарите успеаја да ги вклучат во нивните интереси. Албанските медиуми се осврнаа на проблемот уште во 2015 година, кога селата Шиштавец и Запод беа ставени во медиумскиот фокус за да го илустрираат големиот проток на заминувања од Албанија и барањата за азил во земјите на ЕУ. Реалноста беше дека новите бугарски пасоши им помогнаа на многу жители, дури и на оние кои не беа Горанци, но го знаеја јазикот, да започнат нов живот на Запад, многукратно пофаворизиран од илјадниците Албанци кои завршија во камповите за баратели на азил. Да не заборавиме дека денеска со бугарските пасоши на граѓаните им се овозможува влез во 171 земја без виза, нагласува Андони.

Навраќајќи се наназад во историјата, според него, вакуумот што го остави бугарската политика за време на комунистичката ера, додаден на политиката на поранешна Југославија и реалноста на државното формирање на државата Северна Македонија, се рефлектираше со голем интензитет по 90-тите години со судирите во Софија и официјално Скопје.

-Во законот не пишуваше каде живее ова малцинство во Албанија, но Бугарија повикувајќи се на овој закон, својата пропаганда ја насочи во регионите каде што традиционално живее автохтоното македонско малцинство во Албанија: Во областите Преспа, Голо Брдо и Гора, како и во селото Врбник во Деволската област. После наводното „признавање“ на бугарско малцинство, започна интезивна кампања на Софија за негација и асимилација на македонското малцинство во Албанија. Секој месец се организирааа бесплатни екскурзии во Бугарија за младите од Гора, Голо Брдо, Преспа и Врбник. Се даваа стипендии за бесплатно студирање на универзитетите во Бугарија, како и стипендии за постдипломски и докторски студии. Бугарската амбасада формира здруженија, финансира разни проекти во областите каде што традиционално во Албанија живеат Македонци. Разни фондации од Бугарија даваа разни донации за училиштата, општините, здравствените домови, носеа лекари од Бугарија да вршат бесплатни контроли во областите каде што живее македонското малцинство итн., вели револтиран Стерјовски од МАЕИ за Faktoje.al.

Наспроти задоволство на бугарските претставници и здруженија поинаква сликата доаѓа од високиот претставник на македонската заедница во земјава, Стерјовски, наведува Андони.

-Една од мерките за создавање на вештачко бугарско малцинство во Албанија, која Бугарија ја примени, користејќи ја лошата економска состојба на македонското малцинство во Албанија но и на албанските граѓани заедно, е преку давањето на бугарски пасоши за сите албански граѓани. Македонците и Албанците плаќаа илјадници евра да можат да земат бугарски пасош и да одат да работат на Запад, користејќи ги привилегиите на земјите членки на ЕУ. Ова е бизнис вреден милиони евра, кој работи не само во Албанија, туку и во повеќе земји кои не се членки на Европската унија, како Македонија, Косово, Србија, Украина, Молдавија и други. Ова бугарска пропаганда, посебно се засили пред пописот 2023 година, за Бугарија да ја оправда својата агресивна политика, но и парите што ги трошеше по секоја цена да прикаже бугарско малцинство во Албанија, одговори тој за Faktoje.al.

Проблемот со пописните бројки донесе повеќе проблеми кај самата албанска политика.  Инес Нурја, раководител на Одделот за статистика во Демократската партија и поранешна дректорка на НСТАТ, изјави дека се манипулирани податоците, како со бројот на населението, така и со оној на домaќинствата. Наспроти неа актуелната директорка Елса Дули, пак, се обиде да биде смирена велејќи дека е примената најсовермена технологија и пописот е спроведен спроред меѓународните стандрарди.

-Процесот на попис на населението не беше фер и транспарентен, а не беа применети меѓународните стандарди и стандардите на Евростат. Начинот на кој беше спроведен пописот минатата година и прибирањето податоци за етничката припадност се вршеше со бројни прекршувања во текот на процесот. Еден дел од попишувачите, особено во областите каде што живее македонското малцинство, беа под контрола на Бугарија и отворено работеа кршејќи го законот да потпишат што повеќе Бугари, смета Стерјовски.

Андони на крајот прави пресек на пописи спроведени во земјата од првиот во 1923 година до 12.попис во 2023 година, со бројот на население. вт/дма/

Фото: Андони ФБ/ МАЕИ

Остани поврзан