• сабота, 23 ноември 2024

Белгија размислува за активирање на „нуклеарната опција“ против Унгарија 

Белгија размислува за активирање на „нуклеарната опција“ против Унгарија 

Брисел, 3 јуни 2024 (МИА) – Белгиската министерка за надворешни работи Хаџа Лабиб, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, најави дека актуелното Претседателство со Унијата планира да ги повика земјите членки „да размислат за продолжување на постапката за одземање на правото на глас“ на Унгарија, која треба да го преземе претседавањето со блокот од 1 јули. 

- Имаме Европа која тешко напредува, при што, за жал, некои држави - особено една - се повеќе преземаат чекори за блокирачки став и ставање вето, изјави Лабиб во интервју за „Политико“. 

Лабиб од претходно ја поддржуваше идејата за активирање на процедурата за одземање на правото на глас на Будимпешта согласно Член 7 од Договорот за ЕУ. 

- Мислам дека треба да имаме храброст да донесеме одлука. Одиме веднаш до крајот со Членот 7, да го активираме целосно Членот 7, кој предвидува ставање крај на правото на вето, изјави Лабиб. 

Иницијативата за активирање на Членот 7 за одземање на правото на глас на Унгарија беше започната во Европскиот парламент уште во 2018 година, но таа заглави во процедурални постапки. 

Со оваа одредба, која уште се нарекува и „нуклеарна опција“, се овозможува на одредена земја членка на ЕУ да и се одземе правото на глас доколку „се смета дека постои ризик таа да ги крши основните вредности на блокот“. 

Унгарија на Самитот на ЕУ во декември минатата година ја блокираше помошта за Украина, па во Брисел постои стравување дека за време на шестмесечното претседавање со Унијата во втората половина од годинава, Будимпешта би можеле да продолжува да го попречува донесувањето одредени одлуки поврзани со воената помош и преговарачкиот процес со Киев или за санкциите кон Русија. 

- Ова е моментот на вистината. Или ќе се соочиме со нашата одговорност за што е потребна политичка храброст и волја или ќе поставиме механизми што не функционираат. Затоа треба да избереме, изјави Лабиб во интервјуто. 

Според неа, доколку сегашниот механизам на одлучување на функционира, мора да се реформира. - Тоа е иднината на Европската Унија, заклучи Лабиб. 

Со цел да се избегне евентуално унгарско вето, некои земји членки размислуваат за креативни начини „да ја заобиколат Будимпешта“ при носењето важни одлуки, преку постапки за кои не е потребен консензус, а има и предлози Унгарија „да се санкционира“ со тоа што ќе и се даде „слаб ресор“ во следната Европска комисија и покрај желбата на земјата да ја задржи значајната позиција на еврокомесар за проширување и соседска политика. 

Во Европарламентот се појавија идеи и за одземање на правото на Унгарија да претседава со ЕУ од 1 јули, но Белгија инсистираше Будимпешта да го одработи својот „претседавачки мандат“.  

- Тоа е и потсетување дека да се биде членка на Европската Унија значи да се почитуваат вредностите, да се има права, да се има пристап до средства, да се биде дел од единствениот пазар, да се почитуваат вредностите на слободата, слободата на изразување и независноста на судството, изјави Лабиб. 

Иницијатива за активирање на Членот 7 имаше и во врска со Полска, но ЕК се откажа од таквата идеја по смената на власта во Варшава кон крајот на минатата година и ги деблокираше предвидените финансиски средства за земјата. Сега Унгарија остана единствената членка на ЕУ која може да се соочи со вакви санкции. 

Запрашан за коментар за евентуално активирање на постапка против Унгарија, претставник на унгарската Постојана мисија во Брисел изјави дека главна грижа на Будимпешта е „да ја држи ЕУ надвор од војната во нејзиното соседство“.  

- Ако војната стигне до ЕУ, тогаш Членот 7 ќе ни биде најмалиот проблем, изјави тој за „Политико“. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан