• сабота, 28 декември 2024
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Белгиското претседавање со ЕУ под бремето на „домашните задачи“ во Унијата и националните избори 

Белгиското претседавање со ЕУ под бремето на „домашните задачи“ во Унијата и националните избори 

Брисел, 2 јануари 2024 (МИА) – Белгија од вчера официјално го презеде шестмесечното претседавање со ЕУ најавувајќи амбициозна програма за завршување на законодавните процедури пред истекот на актуелниот мандат на европските институции и подготовка за транзиција кон новите тела на Унијата што треба да се формираат по изборите за Европарламентот на почетокот на јуни.  

Но, наспроти претседавањето со Унијата, политичкото внимание на Белгија се повеќе се насочува кон еден друг настан - изборите во земјата закажани за 9 јуни, на кои заедно со новите белгиски европратеници, ќе се бираат и членови на Претставничкиот дом на Федералниот парламент, како и на регионалните парламенти на Брисел, Валонија и Фландрија и на Парламентот на германската заедница. 

Според белгиската министерка за надворешни и европски работи, надворешна трговија и федерални културни институции Аџа Лабиб, ова нема да претставува проблем, бидејќи такви случаи имало и за време на претседавањата со ЕУ и на некои други држави членки. 

- И други претседателства пред нас се соочија со слични околности, како Франција во 2022 година или сега Шпанија. Тоа не ги спречи да ги одработат нивните претседателства, изјави Лабиб. 

Но, како што посочуваат политичките аналитичари, во другите земји водечките партии кои претендираат за победа на изборите не го доведуваат во прашање постоењето на самите држави, како што е случај во Белгија. 

Според анкетите на јавното мислење во Белгија, во убедливо водство е екстремно десничарска и националистичка партија Фламански Интерес (ВБ), чија примарна заложба е отцепување и независност на северниот холандофонски белгиски регион Фландрија. За работата да биде дополнително усложнета, веднаш зад неа е уште една фламанска десничарска и популистичка партија – Нова фламанска алијанса (НВА), а на трето место е себелгиската екстремно левичарска Работничка партија на Белгија (ПТБ/ПВДА). Врз напливот на белгиските екстремна десница, дополнителен поттик даде и победата на екстремно десничарската Партија на слободата (ПВВ) во соседна Холандија на изборите во ноември минатата година. 

Иако повеќето аналитичари и дипломати се уверени дека Белгија, која е позната по своите компромиси, добро ќе ја одигра својата улога на претседавач со ЕУ, сепак признаваат дека изборите може да го претставуваат „слонот во просторијата со порцелан“ на белгиското претседателство. 

Професорот по европска политичка економија на Универзитетот во Гент, Ферди Де Вил потсетува дека претседавањето на Белгија со ЕУ во 2010 година се поклопи со периодот кога по изборите земјата немаше нова влада повеќе од 500 дена и со неа раководеше технички владин Кабинет. 

- И тоа беше добро, бидејќи им даде голема автономија на дипломатите да ја играат улогата на чесен посредник, изјави Де Вил за „Политико“. 

Сепак, според него, овој пат претседавањето ќе се совпадне со изборите и изборната кампања, што претставува „многу поголем ризик за контаминирање на претседателството“ со Советот на ЕУ. 

Политичките советници веројатно јасно ќе им порачаат на нивните шефови дека претседавањето со ЕУ, заедно со сите собири, самити, настани и црвени теписи, може да биде многу корисна алатка во националната изборна кампања. 

Тоа пред се се однесува за белгискиот премиер Александер Де Кро, кој би можел „жешкото столче“ на претседавачот со ЕУ да го искористи за зајакнување на својот имиџ на европски државник. 

Мерките во Белгија ќе останат засилени, рече белгискиот премиер Александар Де Кро, додавајќи дека последната недела е зголемен бројот на пациенти во болниците, што според него е причина за во

Де Кро, кој доаѓа од редовите на партијата Отворени Фламански либерали и демократи (Опен ВЛД), раководи со седумпартиската Влада составена од либерални, социјалдемократски, демохристијански и зелени партии, наречена „Вивалди“ коалиција. 

Шансите Де Кро да остане на премиерската функција и по јунските избори се многу мали, имајќи предвид дека неговата Опен ВЛД е на околу 10-то место според популарноста меѓу партиите, што ги подгрева шпекулациите дека би можел „да се префрли“ на некоја од водечките функции во ЕУ, иако тој во неколку наврати тврдеше дека не е заинтересиран за таква позиција. Со самото учество на „масата на која се дели колачот на водечките функции“, тој може да има поголеми шанси за добивање на некоја од нив или во најмала рака да ја зголеми својата популарност на национално ниво. 

Од друга страна, една од клучните улоги за време на претседавањето со ЕУ, со учество на широк спектар на состаноци, ќе ја има и белгиската шефица на дипломатијата Лабиб, која доаѓа од редовите на валонското либерално Реформско движење (МР), кое според анкетите котира многу подобро од сестринската фламанска партија на Де Кро. 

Лабиб, која е поранешната телевизиска водителка со алжирско потекло, на почетокот на својот мандат во јули 2022 година беше критикувана дека е „политички неискусна“ за функцијата, но според дипломатски извори, таа сега е веќе многу поизверзирана и потактична и „ќе се однесува многу подипломатски, ќе се придржува до нејзините ставови и нема да блефира“. 

Пред неа и пред целото белгиско претседателство ќе претстои макотрпна работи за неколку прашања за кои се уште не постои консензус меѓу земјите членки, како буџетот на ЕУ заедно со пакетот за финансиска поддршка за Украина и финализирањето на новиот Пакт за азил и миграција, особено во услови кога и самата Белгија се соочува со проблеми со сопствената миграциска политика и недостиг на објекти за сместување на барателите на азил. 

Вториот ден од вонредниот лидерски состанок на ЕУ во голем дел ќе биде посветен на иднината на заедничката одбрана на ЕУ, но и безбедноста на храната во контекстот на војната во Украина, јави

Иако не ги наведе меѓу своите клучни приоритети, внатрешните реформи во ЕУ поврзани со подготовките за прием на нови членки, како и самото проширување на Унијата, неодминливо ќе бидат меѓу главните прашања за време на белгиското претседавање, особено поврзано со стартот на преговорите со Украина и Молдавија и преговарачките процеси со земјите од Западниот Балкан.  

Во такви услови, Белгија ќе мора макотрпно да работи на постигнувањето компромиси меѓу земјите на ЕУ и Европскиот парламент за некои од поважните законодавни регулативи, особено за оние за кои има реални шанси да бидат усвоени пред европските избори. 

Според професорот по европски студии на Универзитетот во Гент, Хендрик Вос, во Белгија се чувствува одреден притисок дека ќе мора да ги затвори клучните законодавни досиеја и да ја подготви Унијата за европските избори и за транзицијата кон новите институции. 

Покрај ова, според него, Белгија „ќе мора да внимава“, бидејќи по неа претседавањето со ЕУ го презема Унгарија, кој е предводена од евроскептичниот премиер Виктор Орбан. 

Унгарија ќе претседава со ЕУ токму кога ќе започне со работа новата Европска комисија и со тоа ќе игра помалку важна улога од Белгија, но затоа Белгијците ќе мора да го подготват теренот за целата транзиција да се одвива без поголеми потреси. Колку ќе успее во сето тоа под бремето на претседавањето со ЕУ и домашната предизборна кампања ќе покаже времето. сп/са/

Фото: МИА Архива/МНР на Белгија

Остани поврзан