• понеделник, 25 ноември 2024

Бектеши: Млечната индустрија да не прави притисок врз кооперантите за да се намали цената на суровото млеко што го продаваат земјоделците

Бектеши: Млечната индустрија да не прави притисок врз кооперантите за да се намали цената на суровото млеко што го продаваат земјоделците

Скопје, 10 март 2023 (МИА) - Министерот за економија Крешник Бектеши денеска рече дека очекува сите компании опфатени со замрзнувањето на цените на тестенините и млечните производи да ја почитуваат одлуката и да ги поевтинат производите како што е предвидено. Во спротивно, најави, ќе следат нови одлуки.

Бектеши посебно упати апел до фирмите од млечната индустрија - да не направат притисок врз кооперантите за тие да им ги намалат цените на земјоделците кои продават сурово млеко.

Како што посочи министерот, направени се прецизни анализи. Простор за намалување на цените има, без компаниите да бидат во загуба.

Идната недела ќе се направат анализи и ќе се утврди дали ќе бидат замрзнати цените и на шеќерот, јацата и оризот, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

-Очекувам од 16 март сите да постапуваат согласно оваа одлука. Сите до тогаш треба да ги намалат цените, а ние до крајот на идната недела ќе ги анализираме детално и другите производи. Ако не се забележи намалување на цените, ќе следат нови одлуки. Ова не е закана, туку одговорно однесување на Влада во време на криза и затоа очекуваме целосна поддршка и солидарност од стопанствениците за кризата да не биде на грбот на потрошувачите. Млечните производи се со 10 отсто маржа што значи дека 20 проценти имале простор во утврдување на цените и на домашните и на увезените производи, а ние одлучивме половина од тој простор да го намалиме на 10 отсто, да се намалат нивните профити, а не да ги ставиме во заблуда и да имаат загуби, рече Бектеши на прес-конференцијата во Владата откако заедно со премиерот Димитар Ковачевски соопштија дека се замрзнуваат цените на тестенините и млечните производи.

Тој објасни и зошто е донесена одлуката за тестенините, посебно осврнувајќи се на макароните кои 100-процентно се увезуваат зашто домашно производство нема.

 -Во делот на макароните е направена детална анализа. Со постоечките царински давачки цената на макароните кои покриваат преку 70 отсто од пазарот би била 49,3 денари. Сега, со најновата одлука, оваа цена треба да е максимум 41,8 денари или за седум, осум до девет денари директно намалување само од укинувањето на царинските давачки, но очекуваме цените да одат уште неколку денари надолу заради утврдените маржи. Одлуката влегува во сила од 16 март, од наредната недела, за да им се даде простор на сите компании и увозници да ги сменат сите договори со кооперантите и трговците на мало, потенцира министерот. мч/аа/

Фото: МИА архива

фото: МИА принт скрин

Остани поврзан