„Без повод за поводи“ – нова книга на Иван Антоновски за современата македонска книжевност
- „Матица македонска“ ја објави книгата „Без повод за поводи“ од Иван Антоновски, ново научно и книжевно-критичко дело посветено на современата македонска книжевност, нејзините развојни процеси, канонските автори, недоволно истражените дела, новите поетики и книжевните предизвици.
Скопје, 12 мај 2026 (МИА) - „Матица македонска“ ја објави книгата „Без повод за поводи“ од Иван Антоновски, ново научно и книжевно-критичко дело посветено на современата македонска книжевност, нејзините развојни процеси, канонските автори, недоволно истражените дела, новите поетики и книжевните предизвици.
Изданието е дел од јубилејната продукција со која „Матица македонска“ одбележува 35 години постоење, продолжувајќи ја својата мисија за објавување дела со трајна културна и научна вредност.
Во рецензијата за книгата, универзитетскиот професор, книжевен истражувач и поет Веле Смилевски оценува дека поводот за „Без повод за поводи“ е самата книжевност – нејзините естетски дострели, значења и пораки. Според него, делото претставува резултат на „силно мотивирани и задлабочени естетички, критичко-теоретски и книжевно-историски проникнувања“ во современата македонска книжевност.
Книгата содржи 23 студии распоредени во пет тематски целини, кои обработуваат книжевни, културни и јубилејни контексти од периодот 2021–2025 година. Иако дел од текстовите се инспирирани од конкретни настани и годишнини, авторот настојува да понуди подлабоко и аналитичко читање, надвор од рамките на пригодниот говор.
Во авторскиот предговор, Антоновски посочува дека книжевната наука не треба да се движи според календарот, туку да остане посветена на темелно читање, преиспитување и вреднување на книжевните дела.
Во фокусот на студиите се автори и појави од различни генерации и жанрови, меѓу кои Коста Солев Рацин, Блаже Конески, Ацо Шопов, Живко Чинго, Горан Стефановски и други значајни имиња од македонската книжевност.
Посебно внимание е посветено и на младите автори родени во самостојна Македонија, со што книгата ја следи и актуелната книжевна сцена, отворајќи простор за нови критички читања и идни книжевни вреднувања.
„Без повод за поводи“ е достапна во книжарниците на „Матица македонска“ и онлајн, како уште едно значајно издание во јубилејната година на издавачката куќа.дма/са/
Фото: Матица македонска