• недела, 22 декември 2024

Бајден ќе одржи безбедносни разговори поради зголемените тензии на Блискиот Исток

Бајден ќе одржи безбедносни разговори поради зголемените тензии на Блискиот Исток

Вашингтон, 5 август 2024 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден ќе одржи разговори за безбедносните тензии на Блискиот Исток со својот национален безбедносен тим и ќе се сретне со кралот Абдула Втори од Јордан, додека израелските лидери предупредуваат дека ќе нанесат „тежок удар“ доколку бидат нападнати.

Разговорите меѓу САД и Јордан доаѓаат еден ден по посетата на јорданскиот министер за надворешни работи, Ајман Сафади, на Иран, каде што повика на крај на ескалацијата и побара регионот да живее во „мир, безбедност и стабилност“.

Американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, разговараше со својот израелски колега, Јоав Галант, нагласувајќи ја „железната поддршка на САД за безбедноста на Израел и правото на самоодбрана против заканите од Иран“ и иранските сојузници како Хезболах од Либан и Хутите од Јемен.

„Тие разговараа за мерките што ги презема Министерството за одбрана на САД за зајакнување на заштитата на американските сили, поддршка на одбраната на Израел и спречување и деескалација на пошироките тензии во регионот,“ соопшти Пентагон.

САД распоредија група носачи на авиони и повеќе воздухопловни сили во регионот, соопшти Пентагон во петокот.

Џонатан Фајнер, заменик советник за национална безбедност на Белата куќа, изјави за емисијата „Face the Nation“ на Си-Би-Ес: „Нашата цел е деескалација. Нашата цел е спречување. Нашата цел е одбрана на Израел.“

„Се подготвуваме за секоја можност,“ изјави Фајнер за емисијата „This Week“ на Еј-Би-Си, додавајќи дека „не веруваме дека регионална војна е во интерес на никого.“ ссм/

фото: архива

Остани поврзан