Арагчи наскоро ќе ја посети Москва на консултации за разговорите Техеран-Вашингтон
- Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во наредните денови ќе отпатува за Москва за да разговара со руските претставници за иранско-американските преговори, пред новата рунда разговори со Вашингтон закажана за сабота.

Техеран, 14 април 2025 (МИА) - Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во наредните денови ќе отпатува за Москва за да разговара со руските претставници за иранско-американските преговори, пред новата рунда разговори со Вашингтон закажана за сабота.
Иран и САД, кои немаат дипломатски односи од 1980 година, одржаа разговори минатата сабота, со посредство на властите во Оман, за иранската нуклеарна програма.
Западните земји, предводени од САД, се сомневаат дека Иран сака да се здобие со нуклеарно оружје. Техеран ги отфрла овие обвинувања и го брани правото на нуклеарна енергија за цивилни цели, особено за енергија.
Иран и САД се согласија да ги продолжат разговорите на 19 април.
Пред оваа нова рунда разговори, шефот на иранската дипломатија ќе отпатува за Москва.
-Би сакал да истакнам дека ова патување веќе беше однапред планирано, рече портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багаи, додавајќи дека посетата „на крајот на неделата ќе биде можност да се разговара за најновите случувања во врска со преговорите“.
Долгогодишните противници, Иран и САД се обидуваат да постигнат нов нуклеарен договор, откако САД се повлекоа од претходниот договор, за кој одлучи Доналд Трамп за време на неговиот прв мандат во 2018 година.
Во 2015 година, Иран склучи договор во Виена со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за својата нуклеарна програма. За возврат, текстот предвидуваше намалување на меѓународните санкции против Техеран.
Меѓутоа, во 2018 година, Доналд Трамп еднострано ја повлече својата земја од договорот и повторно воведе строги санкции кон Иран. Како одговор, Техеран ги зголеми резервите на збогатен ураниум на 60 отсто, додека 90 отсто се потребни за производство на атомско оружје. мс/
фото: ЕПА