• недела, 30 јуни 2024

Анкети за резултатите од неделните избори во Србија

Анкети за резултатите од неделните избори во Србија

Белград, 31 мај 2024 (МИА) - Во пресрет на неделните локални избори во 88 градови и општини и повторените избори за градот Белград, анкетите не ги поддржуваат надежите на опозицијата за промена на политичкиот пејзаж на главниот град на Србија, каде и покрај бојкотот на поголемите партии опозицијата се надева на победа против владејачката Српска напредна партија (СНС), како и во Ниш, Нови Сад и Чачак, јави дописникот на МИА од Белград.

Анкетата за определеност на гласачите што ја спроведе Ипсос покажува дека очекуваната излезеност ќе биде 49,6 отсто, односно се очекува да биде во интервал од 47,2 посто до 52 проценти во однос на бројот на запишани гласачи.

Според оваа анкета, на изборите за град Белград изборната листа „Александар Вучиќ - Белград утре“ ќе освои најголем број мандати во белградското градско собрание, бидејќи на три дена пред изборите има поддршка од 47,7 отсто од гласачите.

Следни по сила се листата „Д-р Саво Манојловиќ - Јас сум Белград - Крени-Промени“ со 16,3 проценти и листата „Го бираме Београд - Добрица Веселиновиќ - Милош Павловиќ“ со речиси иста проценнка на резултат -16,2 посто.

Четвртата листа што ќе го помине цензусот е листата „Ние, силата на народот - проф. д-р Бранимир Несторовиќ“, кој според проценките би освоил 7,7 отсто од гласовите.

Според истражувањети на Ипсос можно е да дојде до прелевање на гласовите во блокови и коалиции на слични партии. Поради овие фактори, како и поради забележаните трендови во податоците, можно е да дојде до промена на односот помеѓу листата „Д-р Саво Манојловиќ - Јас сум Белград - Крени-Промени“ и листата „Го бираме Белград - Добрица Веселиновиќ - Милош Павловиќ“.

Останатите коалиции и изборни листи од вкупно 14-те колку РИК ги има регистрано според Ипсос нема да го преминат цензусот за избор на одборници.

И обложувалниците ги објавија коефициентите за претстојните избори во Белград, според кои коалицијата собрана околу СНС и СПС може да смета на убедлива победа и поддршка од повеќе од половина од гласачите, а тоа секако би значело најмалку 60 отсто од советнички места во Градското собрание на Белград.

Според проценките на обложувалниците, на изборите во Белград ќе учествуваат 48,4 отсто од запишаните во избирачкиот список т.е околу десет отсто помалку од изборите во декември минатата година.

Од оваа бројка обложувалниците проценуваат дека листата „Александар Вучиќ- Белград утре“ составена од СНС, СПС, Заветници и други коалициони партнери треба да освои околу 52,1 отсто од гласовите. За споредба, на претходните белградски избори СНС доби 39,03 отсто од гласовите, СПС 4,75 отсто, а под прагот остана коалицијата Заветници-Двери со 2,58 отсто од гласовите.

Второто место со 18,9 отсто поддршка е проектирано за коалицијата Крени-Промени на Сава Манојловиќ, која настапува со изборната листа „И јас сум Белград“, додека коалицијата „Го избираме Белград“ создадена од „Србија против насилството“ е на трето место со 14,2 отсто од гласачите во главниот град на Србија.

Според овие проценки четвртото место би го зазела листата „Ние - силата на народот, проф. Бранимир Несторовиќ“ кој со 6,7 отсто од гласачите би бил единствениот што би го поминал цензусот од три отсто и би влегол во градското собрание на Белград. об/мс/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан