• петок, 22 ноември 2024

Ангеловска-Бежоска: Идната каматна политика ќе зависи од инфлацијата, девизниот пазар и поставеноста на ЕЦБ

Ангеловска-Бежоска: Идната каматна политика ќе зависи од инфлацијата, девизниот пазар и поставеноста на ЕЦБ

Скопје, 21 декември 2023 (МИА) - Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска вели дека олабавувањето на монетарната политика во идниот период ќе зависи од три фактори − движењето на инфлацијата, на девизниот пазар, како и политиката на Европската централна банка, имајќи го предвид фиксниот девизен курс на денарот во однос на еврото.

Народната банка денеска информира дека во интервју за Дневникот на МТВ, Ангеловска-Бежоска посочила дека трендовите кај инфлацијата и девизниот пазар се поволни, со раст на девизните резерви до нивото од 3,9 милијарди евра, но дека инфлацијата сѐ уште е на повисоко ниво од историскиот просек, како и дека сѐ уште има ризици од надворешното и домашното окружување, што упатува на внимателност при поставувањето на монетарната политика.

Според гувернерката, во моментов не се забележува помасовен тренд на олабавување на монетарната политика кај централните банки, иако постои во некои економии.

- Централните банки на најразвиените економии, коишто најмногу влијаат на меѓународните финансиски пазари, сега за сега, ја задржуваат истата монетарна поставеност, но важно е да се истакне и дека не продолжија со натамошно зголемување на основните каматни стапки, рекла Ангеловска-Бежоска, посочувајќи дека ЕЦБ во последниот извештај наведува дека очекува подолго задржување на истите каматни стапки, заради подолгорочно стабилизирање на инфлациските очекувања и инфлацијата.

Но, од друга страна, додала гувернерката, ако се погледнат очекувањата на финансиските пазари, тие веќе вградуваат одредено намалување на каматните стапки.

Осврнувајќи се на состојбата на домашните пазари, таа истакнала дека глобалниот тренд на раст на каматните стапки во прилог на намалување на инфлацијата постоел и кај нас, како резултат на затегнувањето на монетарната политика, но дека ако го споредиме зголемувањето на каматните стапки кај нас, со зголемувањето на каматните стапки во ЕУ, кај нас тоа зголемување било помало.

- Оттаму, ако во просек во историјата, задолжувањето на населението кај нас било поскапо за 2 до 3 п.п. во споредба со ЕУ, сега каматните стапки се речиси изедначени. Каква ќе биде натамошната финансиска поставеност и цената на задолжувањето, како и досега, ќе зависи од голем број фактори, од состојбата на банкарскиот систем, ликвидноста, конкуренцијата во банкарскиот систем, согледувањата за ризиците, расположливиот доход на населението, но и од идната поставеност на монетарната политика, навела гувернерката Ангеловска-Бежоска. бак/нд/

Фото: Народна банка

 

Остани поврзан