Сиљановска-Давкова: Без Ромите нема успешна демократска македонска приказна
- Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска примила ученици, наставници и професори од училиштата од Шуто Оризари, односно основци од училиштата „26 Јули“ и „Браќа Рамиз - Хамид“ и средношколци од училиштето „Шаип Јусуф“, како и студенти Роми, по повод „Меѓународниот ден на Ромите“, 8 Април.

Скопје, 9 април 2025 (МИА) - Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска примила ученици, наставници и професори од училиштата од Шуто Оризари, односно основци од училиштата „26 Јули“ и „Браќа Рамиз - Хамид“ и средношколци од училиштето „Шаип Јусуф“, како и студенти Роми, по повод „Меѓународниот ден на Ромите“, 8 Април.
Посочувајќи дека овој ден се одбележува од 1971-вата година, кога во Лондон на првиот ромски конгрес 8 Април бил прогласен за Меѓународен ден на Ромите, претседателката Сиљановска-Давкова истакнала дека еден од иницијаторите на конгресот е скопјанецот, професорот Шаип Јусуф, авторот на првата ромска граматика.
Како што соопштија од нејзиниот Кабинет, пред присутните таа подвлекла дека Ромите се неразделен дел од нашето државно и општествено ткиво и секогаш ќе останат.
- Нивната талкачка природа не случајно нашла мир покрај нас на овие простори. Тука свиле дом и тука припаѓаат. Ни се придружиле во неговата одбрана. Над 200 Роми партизани учествувале во македонската народноослободителна и антифашистичка борба и крв пролеале за слободата, потсети претседателката, нагласила Сиљановска-Давкова.
Таа потенцирала дека Ромите се една од најранливите заедници, но, како што рекла, ние сме чекор напред пред сите други во одбраната на ромската рамноправност и еднаквоста.
Сиљановска-Давкова нагласила дека ние сме единствената држава во која тие имаат заслужен уставен статус, општина со која управуваат и во која ромскиот е службен јазик, свои партии, реална можност за свои пратеници и министри. Но, според неа, тоа не е доволно, туку потребни се вистински, одважни чекори во одбраната на нивните права и подобрувањето на нивниот живот.
- Еден од нашите најголемите уметници, Никола Мартиновски на многу слики насликал прекрасни Ромки со деца, потсетувајќи не на нив, рекла претседателката.
Според неа, Ромите се народ со немирен, нескротлив, слободарски дух и силна потреба не само од музика и игра, туку и од докажување. - Скромни се и малку им треба за среќа. Мора да добијат поголеми шанси на сите полиња. Во нив се крие многу енергија и креација, рекла Сиљановска-Давкова.
Таа ја споменала мудроста на легендарната Есма Реџепова, која ја прослави ромската, но и македонската култура ширум светот. Ги цитираше нејзините мудри и искрени зборови: „Ромите се космополити, благороден и добар народ, никогаш досега немаат никого окупирано, ниту војувано со некој. Сакаат да живеат заедно, но само доколку им се подаде рака“.
- Ние им ја подадовме едната рака, но треба и другата, ако сакаме да бидеме подобри луѓе и да градиме општество на рамноправни граѓани. Без Ромите, нема успешна демократска македонска приказна, истакнала претседателката Сиљановска-Давкова. цр/лв/
Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова