• понеделник, 23 декември 2024

Ангеловска-Бежоска−Стамнова: Со Единствениот регистар на сметки ги воспоставуваме најдобрите европски практики

Ангеловска-Бежоска−Стамнова: Со Единствениот регистар на сметки ги воспоставуваме најдобрите европски практики

Скопје, 15 декември 2024 (МИА) - Со реформите направени во изминатиот период преку донесувањето нови закони и подзаконски акти во платежната сфера и во сферата на спречувањето перење пари и финансирање тероризам, нашата држава го зацврсти својот пат кон европската интеграција. Воспоставувањето на Единствениот регистар на сметки е еден од тие важни чекори, коишто треба да ја олеснат обработката на податоците за платежните сметки, депозитните сметки и сефовите, што ќе придонесе за поефикасно делување на институциите, а ќе обезбеди и зголемена заштита на потрошувачите. Ова било посочено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и директорката на Централниот регистар, Анита Стамнова и нивните тимови. 

Како што информираат од Народната банка, на средбата било истакнато дека Единствениот регистар на сметки ќе претставува важна основа за ефикасно извршување на плаќањата, за подобра финансиска контрола и спречување нелегални активности, според најдобрите европски практики.

-Со Единствениот регистар на сметки ќе ја унапредиме ефикасноста на платниот систем во земјава. Преку него ќе се обезбеди пристап до важни податоци за институциите, коишто ќе можат да ги извршуваат своите задачи поефективно. Народната банка преку користењето на податоците од овој регистар ќе може да го подобри извршувањето на супервизорските задачи, како и да ја зголеми сигурноста, стабилноста и ефикасноста на платниот систем на земјата, а сето тоа во прилог на стабилноста на финансискиот систем на државата, истакнала гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Притоа таа додала дека воспоставувањето на овој регистар е значајно и за приклучувањето на нашата земја во Единствената област за плаќања во евра − СЕПА и за обезбедувањето на потребната регулативна и функционална усогласеност, суштинска за нашата позиција во европскиот економски простор.

-Со донесување на новиот Закон за платни системи и платежни услуги, Централниот регистар ја доби улогата за водење Единствен регистар на сметки како администратор на регистарот. Во тој контекст, Централниот регистар ќе ја поддржи дигиталната трансформација на пазарот на платежни услуги преку воспоставување сеопфатна база на податоци за сметките и сефовите до кои ќе имаат пристап банките и новите небанкарските даватели на платежни услуги и коишто ќе може да ги користат за унапредување на своите решенија и системи за поефикасно и посигурно извршување на плаќањата од граѓаните и компаниите. Исто така, државните институции ќе може да ги користат податоците од овој регистар за поефикасно извршување на своите задачи. Со спроведувањето на барањата од релевантните прописи на Европската Унија во сферата на спречувањето перење пари и финансирање тероризам, проектот ќе придонесе кон одржување на интегритетот на финансискиот систем, истакнала Стамнова.

Воспоставувањето на Единствениот регистар на сметки, велат од Народната банка, е пропишано со Законот за платежни услуги и платни системи и со него ќе се исполни едно од главните барања од Петтата директива на Европската Унија за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот, создавајќи цврста правна основа за интеграција на платниот систем на земјата во платежната инфраструктура на ЕУ.

Со тоа, додаваат оттаму, значително ќе ја подобриме размената на податоци и соработката не само помеѓу домашните институции, туку и со останатите земји од Европската Унија. Оваа соработка е важна за зајакнување на контролата врз прекуграничните финансиски текови, како и за зголемување на ефикасноста на процесите за спречување незаконски активности, со што нашата држава покажува дека е подготвена и дека го прави потребниот напредок кон модернизацијата и сигурноста на својот финансиски систем.

На средбата била истакната размената на податоците и соработката меѓу двете институции, а особено потребата од споделување искуства коишто ги применува Народната банка во делот на финансиската едукација. сст/цр/

 

фото Народна банка

 

 

Остани поврзан