Аналитика тинк - тенк препорачува 30 отсто зголемување на акцизата на цигарите со цел намалување на пушењето во државава
- Според податоците со коишто располага Министерството за здравство, 45,4 отсто од населението во земјава се пушачи, од кои 12,4 отсто се млади лица на возраст од 13 до 15 години, покажуваат анализите на Аналитика тинк-тенк кои денеска беа презентирани на настанот на тема „Преку зајакнување на фискалните и здравствените политики до намалени смртни случаи, спречување на пушење кај младите и зголемени буџетски приходи во Северна Македонија“ што се одржа во Скопје.
Скопје, 6 декември 2023 (МИА) - Според податоците со коишто располага Министерството за здравство, 45,4 отсто од населението во земјава се пушачи, од кои 12,4 отсто се млади лица на возраст од 13 до 15 години, покажуваат анализите на Аналитика тинк-тенк кои денеска беа презентирани на настанот на тема „Преку зајакнување на фискалните и здравствените политики до намалени смртни случаи, спречување на пушење кај младите и зголемени буџетски приходи во Северна Македонија“ што се одржа во Скопје.
- Зголемувањето на акцизата од 30 отсто би значело зголемување на цената на цигарите за 22 отсто. Меѓутоа, она што е поважно е дека тоа би значело слевање во буџетот на дополнителни 265 милиони евра, што е пресметка приближно еднаква со пресметките коишто ги направи Министерството за финансии во месец октомври кога излегоа новите измени на законот за акцизи, потоа спасување на 7000 смртни случаи годишно, намалување на преваленца на пушење за два отсто, намалување на интензитет на пушење за околу 300 цигари годишно, намалување на потрошувачка на цигари за 17, 5 отсто, значи сите овие придобивки се многу значајни и за фискалната и за здравствената политика, се препораките и заклучоците кои ги дава анализата на Аналитика тинк-тенк.
Извршниот директор на Аналитика тинк - тенк, Тамара Мијовиќ Спасова, истакна дека пушењето од рана возраст е сериозен проблем затоа што секоја научна анализа покажува дека што порано се почне со пушење има поголема веројатност да се остане зависник од никотин целиот живот. Токму затоа, како што рече, Аналитика тинк тенк одлучи да ги испита факторите, детерминантите што влијаат, не само на пушењето туку и на започнување на пушење кај младите.
Гледано од анализите, 30 отсто од младите започнуваат со пушење пред четиринаесеттата година.
- Она што е многу важно и што го увидовме од анализата е дека 80 отсто од младите кога купувале цигари не биле спречени. Значи ние имаме голема достапност на цигари, имаме законска регулатива меѓутоа немаме имплементација во пракса, нагласи Спасова.
Таа како главни фактори за започнувањето со пушење на младите ги истакна ставот на нивните врсници пријатели, како и на родителите.
- Пушењето на родителите дома, сакале или не, децата го воспримаат како нормална појава, со што понатаму во животот има голема веројатност и тие да почнат да пушат, и не само заради тоа, туку и затоа што им се достапни цигарите, рече Спасова.
Бојана Мијовиќ Христовска, проектен менаџер и постар истражувач во Аналитика тинк – тенк, истакна дека трошоците пресметани од пушење изнесуваат 5,6 отсто од бруто домашниот производ, што претставува огромна бројка.
- Токму затоа предупредуваме дека треба да се влијае со ценовни, големување на акцизата за 30 отсто, и неценовни мерки. Под неценовни мерки спаѓаат: враќањето на забраната за пушење во затворен простор, како и да се намали достапноста на цигари, а тоа би се постигнало со покачување на акцизата за 30 отсто годишно, со што би се оствариле посакуваните фискални и здравствени придобивки, рече Христовска и додаде дека со тоа зголемување на акцизата би можеле да се спасат 2400 смртни случаи на годишно ниво предизвикани од пушењето цигари.
Во врска со препораките, таа истакна дека според анализите во 2019 црниот пазар со цигари е 1,9 што е најниско ниво во регионот, што значи дека нема опасност од тоа, потоа истата таа година кога за првпат се воведе акцизен календар имало намалување на потрошувачката на цигари, како и во 2010 година со воведувањето на Законот за забрана за пушење во затворен простор имало најголем пад на потрошувачката на цигари.
На настанот се обрати и заменик министерката за здравство Маја Манолева, која нагласи дека во рамките на десетте Центри за јавно здравје во нашата држава се спроведуваат специјални обуки за одвикнување од пушење.
- Во Центрите за јавно здравје секој од пушачите може самоиницијативно да се пријави. Тие функционираат двапати неделно како групна терапија, но, по барање на некои од нашите граѓани коишто имаат желба да се одвикнат од пушење, секако дека може да се искоординира и индивидуален пристап кон секој од барателите, истакна Манолева.
Истражувањето на Аналитика покажува дека нашата држава е рангирана многу високо на глобално ниво во однос на превенцијата на пушењето и просечниот број на испушени цигари дневно по пушач. Со превенција на пушење од 24,4 отсто, земјата го надмина просекот на ЕУ од 18, 4 отсто во потрошувачката на тутунот. Сегашните стапки на потрошувачката на тутун во државата би можеле да доведат до приближно 39.000 смртни случаи поврзани со тутунот во текот на следните четири децении. Во врска пак со препораките, анализите покажуваат дека зголемувањето на акцизите на тутунските производи доведува до 22,4 отсто зголемување на буџетските приходи и избегнување на 39 000 прерани смртни случаи кај возрасни како и избегнување на 1600 прерани смртни случаи кај младите. Додека пак зголемувањето на цените на цигарите за 10 отсто би ја намалило веројатноста младите да почнат да пушат за три отсто. сан/са/
Фото: МИА