• сабота, 28 септември 2024

Анализи на германски медиуми: Трамп назад во Белата куќа - крилја на „реваншистичката“ политика на Србија

Анализи на германски медиуми: Трамп назад во Белата куќа - крилја на „реваншистичката“ политика на Србија

Берлин, 24 јуни 2024 (МИА) - Враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа би и дало крилја на „реваншистичката“ политика на Србија, пишува Ноје цирхер цајтунг. Тоа би значело обид за поместување на границите на Балканот и можеби нова војна, оценува весникот, пренесоа белградски медиуми.  „Што ако победи Доналд Трамп? А веќе во поднасловот швајцарскиот весник го нуди овој одговор: „Војна на Балканот би била поверојатна отколку што беше долго време“, пренесува Дојче веле.

Авторот на анализата пишува:

„Националистичките сили во Србија се надеваат на втор мандат за Доналд Трамп. „Трамп, Србине!“ - неговите обожаватели поставија плакати во различни градови по неговиот избор во 2017 година. Ричард Гренел, поранешен пратеник на Трамп за Балканот, го поддржува Белград. Власта му се додворува и го опсипува со награди. А Џаред Кушнер, зетот на Трамп, планира да изгради хотелски комплекс во центарот на Белград. Сето ова ја поттикнува желбата да се промени повоениот поредок во регионот создаден од САД во корист на Србија“,пренесе Н1/рс.

Авторот потоа наведува дека „државниот поредок во Западен Балкан е резултат на Пакс Американа“ и дека „САД беа тие што воено ги завршија војните во Босна и Херцеговина и Косово и воведоа нов поредок“.

Сепак, како што се додава, тој поредок создаден со американски интервенции не би бил стабилен без друг актер:

„Во 2003 година, во таканареченото „солунско ветување“, Европската унија им вети на земјите од Западен Балкан дека во иднина сите ќе станат членки на Унијата. Со тоа ветување земјите добија перспектива за просперитет, а националистичките актери со реваншистички планови беа привремено политички маргинализирани“.

„Пакс Американа, плус изгледите за влез во ЕУ, беа формула за стабилност за регионот. Но таа формула денес важи само во ограничена мера“, се наведува во анализата на швајцарскиот весник.

Авторот потоа наведува дека „српскиот ревизионизам почива на две премиси“.

„Геополитички, од средината на 2010-тите, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, успешно водеше еден вид „политика на неврзаност“ која намерно се стреми да се надоврзува на југословенскиот модел. (...) Идеолошки, терминот „српски свет“ е во оптек веќе неколку години. Се заснова на етнонационален концепт од 19 век и според него „српското прашање“ треба да се реши со обединување на сите Срби во една земја“, наведува Ноје Цирхер Цајтунг.

Авторот потоа му се враќа на Трамп и наведува дека нема да го наруши кревкиот поредок на Западен Балкан, а тоа е само затоа што тој регион не му е приоритет.

„Во тој поглед, српските надежи и стравови на нивните соседи се претерани“, велат германските медиуми, а пренесува Дојче веле.

Но, се додава, „Трамп ќе ја ослаби трансатлантската оска“, а за Западен Балкан „клучно е дали курсот на Трамп ја зајакнува или ослабува Европската унија како геополитички актер“.

Тоа зависи од внатрешната ситуација во ЕУ, пишува авторот.

„Европските избори можеби дадоа повод за десничарски тенденции, но политичкиот центар го отфрли тој напад. Сепак, постојат поважни односи меѓу земјите-членки и нивната внатрешна организација и во тој поглед изгледите се загрижувачки“, се наведува во анализата, потсетувајќи на успехот на „националистичката национална алијанса“ во Франција и на фактот дека во Германија владејачката коалицијата „може да дејствува само во ограничен обем“.

„Економскиот или политичкиот притисок однадвор ќе доведе до фрагментација на Унијата наместо консолидација“, пишува швајцарскиот весник. „Резултатот може да биде ренационализација на политиката, во комбинација со формирање на коалиции на некои земји. Во однос на односите со Русија, на пример, Австрија, Унгарија, Словачка, а можеби и Бугарија би можеле да го следат својот курс. Ако Националната лига ја преземе власта во Франција, тој курс на смирување веројатно ќе добие поттик од Париз“.

Авторот заклучува дека сето тоа „би отвори простор на Западен Балкан кој би можел да го искористи реваншистичка Србија“. На дневен ред би била реинтеграцијата на северно Косово населено со Срби, како и отцепувањето на Република Српска од Босна и Херцеговина со цел обединување со Србија. Тие цели би биле поддржани од Русија, која на тој начин би можела да го зголеми своето влијание во Европа. Во исто време, немоќта на Европската унија би станала очигледна“.

Затоа, како што се наведува, „мора да се преформулира прашањето дали Трамп го дестабилизира Западен Балкан: дали човекот во Белата куќа ја дестабилизира Европа и со тоа отвора простор за конфликти на Балканот?

„Таа опасност е многу реална со оглед на неизвесната ситуација во ЕУ“, се вели во анализата на швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг.

Остани поврзан