• сабота, 26 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Американски и виетнамски компании бараат одложување на царините заради „двострана корист“

Американски и виетнамски компании бараат одложување на царините заради „двострана корист“

Вашингтон, 7 април 2025 (МИА) - САД треба да ги одложат „шокантно високите“ царини за увоз од Виетнам, порачаа американските и виетнамските компании, нагласувајќи дека пониските увозни давачки и „фер“ договор меѓу Вашингтон и Ханој ќе и помогнат на американската економија и ќе го олеснат трговскиот дисбаланс.

Минатата недела Трамп најави царини од 10 отсто за увоз од земјите ширум светот и планира дополнителни „реципрочни давачки“ за трговските партнери со кои САД имаат трговски дефицит.

Белата куќа во текстот на одлуката нагласува дека сака да го врати индустриското производство во САД, тврдејќи дека американската индустрија изгубила околу пет милиони работни места од 1997 до 2024 година.

Така, увозот од Виетнам треба да биде предмет на царина од 46 отсто од 9 април, со образложение дека Ханој, според пресметките на советниците на Белата куќа, наплаќа давачки за увоз на американски стоки со стапка од 90 отсто, кога се земаат предвид „валутните манипулации и нетарифните трговски бариери“.

Голем број американски компании го преселија производството во Виетнам со цел да ги намалат трошоците, а потоа ги извезуваат производите во САД. Во такви услови, минатата година Виетнам забележа суфицит од 123,5 милијарди долари во трговската размена со САД. Само Кина, ЕУ и Мексико имаа поголем суфицит во трговската размена со САД.

Виетнамската влада направи серија отстапки на САД дури и пред Трамп да ги објави царините за увоз од земјите ширум светот, ветувајќи дека ќе купува повеќе американски стоки како што се авиони и земјоделски производи и ќе ги намали царините за увоз на енергија и автомобили.

На крајот на март, Виетнам на тој начин ги преполови царините за американскиот течен гас и етанол, а ги намали царините за увоз на автомобили и производи како што се пилешки гради, бадеми, јаболка, цреши и производи од дрво.

Во петокот, американскиот претседател и виетнамскиот лидер То Лам се согласија да преговараат за укинување на царините. Телефонскиот разговор беше „многу продуктивен“, рече Трамп. паг/

 

 

 

Остани поврзан