• недела, 22 декември 2024

Амбасадорот Роде за одлуката на Курти да дозволи влез на српска стока преку Мердаре: Се деблокира ЦЕФТА за Косово

Амбасадорот Роде за одлуката на Курти да дозволи влез на српска стока преку Мердаре: Се деблокира ЦЕФТА за Косово

 

Приштина, 7 октомври 2024 (МИА) – Амбасадорот на Германија во Косово, Јорн Роде ја поздрави денешната одлука на Владата на Косово да дозволи влез на производи од Србија преку граничниот премин Мердаре, 16 месеци по воведувањето на забраната, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на социјалната мрежа „Х“, Роде оцени дека овој чекор на Владата на Албин Курти претставува деблокирање на учеството на Косово во Централноевропскиот договор за слободна трговија, ЦЕФТА.

„Ја поздравувам одлуката на косовската влада да го отвори граничниот пункт Мердаре за стоки што доаѓаат од Србија. Ова означува важен чекор кон деблокирање на ЦЕФТА. Ќе го поддржиме Косово да обезбеди исполнување на безбедносните потреби и следење на процесите на граничната точка“, напиша германскиот амбасадор.

Германија неодамна, преку нејзиниот специјален пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, му се закани на Косово со неучество на самитот на Берлинскиот процес, што ќе се одржи на 14 октомври, доколку не ја укине забраната за увоз на стоки од Србија, а предупреди и дека оваа забрана ја блокира и работата на ЦЕФТА.

Владата на Косово денеска ја измени безбедносната мерка за производите кои влегуваат од Србија преку граничниот премин Мердаре.

Косово го забрани увозот од Србија по апсењето на тројца косовски полицајци од страна на српските сили на границата меѓу двете земји, тензиите на северот од земјата населен со српско мнозинство и сомневањата дека минатата година преку стоката нелегално се шверцувало оружје.

Со новата одлука, која денеска до надлежните институции ја пратил министерот за внатрешни работи, Џељаљ Свечља, забраната за увоз на овие производи ќе биде заменета со „детална контрола“ за шлеперите кои влегуваат од Србија, а оваа измена се однесува само на граничниот премин Мердаре, а не и на другите гранични премини со Србија.

Премиерот Курти на прес-конференција денеска рече дека косовските мерки за ограничување на увозот од Србија „никогаш не биле и никогаш не се трговски, туку се безбедносни мерки“.

Остани поврзан