• петок, 22 ноември 2024

Амбасадорот Марковски на средба во Факултетот за странски јазици во Тирана

Амбасадорот Марковски на средба во Факултетот за странски јазици во Тирана

Тирана, 30 мај 2024 (МИА) - Македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски, на средбата во Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, позитивно ја оценил соработката со оваа високообразовна институција, но посебно ја истакнал потребата за „создавање можности за промовирање на преведувачи на македонски јазик“.

Актуелната состојба со неколку преведувачи за македонски јазик е целосно неприфатлива, оценил тој, по што соговорниците се согласиле дека „ова мора да се измени во идниот период“.

На работниот состанок одржан денеска, како што објави Амбасадата, во просториите на Факултетот, а по иницијатива на амбасадорот Марковски, присуствувале деканката Есмералда Кромида, продеканката за меѓународна соработка Дрита Рира и лекторот по македонски јазик Славица Свидерска.

-На средбата беа разгледани досегашните активности околу курсот по македонски јазик, од неговото отворање, постигнатите резултати и идните проекти за следната учебна година. Деканката Кромида мошне позитивно ја оцени работата на курсот, нагласувајќи дека истиот целосно се вклопил во програмата на Факултетот заедно со останатите курсеви коишто се изучуваат. Изрази задоволство од работата на лекторот Свидерска и воспоставениот непосреден однос со студентите, информираше Амбасадата.

Професорката Рира ја истакнала потребата од неодложно воспоставување непосредна соработка со Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со цел организирање учество научни конференции, размена на професори, заеднички настап на разни меѓународни проекти и други настани од заеднички интерес.

Лекторката Свидерска ја претставила програмата за идната година во делот на Вториот циклус по македонски јазик. Посебно се осврнала на проектот „Употребата на вештачката интелигенција како инструмент во преведувањето на текстови“ предложен од студентите.

Инаку, на 15 месецов на факултет на пригодна свеченост беа доделени сертификати на првата група најуспешни студенти кои го завршија првиот циклус по македонски јазик. Лекторатот во Тирана е единаесетти лекторат по македонистика во светот а беше реактивиран во средината на месец јануари годинава, по повеќе од една деценија нефункционирање. вт/дма/

 

Фото: Амбасада на РСМ-Тирана

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан