• четврток, 24 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Албанија ќе произведува оклопни возила, има побарувања од Германија, Полска, Грција

Албанија ќе произведува оклопни возила, има побарувања од Германија, Полска, Грција

Тирана, 10 април 2025 (МИА) - По прототипот на првото оклопно воено возило „Шота“, произведено минатата година, Албанија во текот на оваа година ќе произведува и други оклопни возила кои ќе им служат на вооружените силина земјата, но и ќе извезува.

-Ние соработуваме со странски компании и оваа година веруваме дека ќе произведеме неколку возила „Шота“. Тоа нема да биде само прототип, туку возило што дејствува на терен“, изјави за А2 Арјета Пуца, сопственичка на компанијата „ТИМАК“.
Според неа, мирот во светот е кревок, па и другите земји се заинтересирале за воена опрема што ќе се произведува во Албанија.

-Сакаме да почнеме со Албанија, но имаме многу барања и од Германија, Полска, Украина, па дури и Грција, со кои сме во разговори и веруваме дека оваа година ќе ги имаме првите производи. Се разбира, ние сме многу голема компанија, но со растење и со поголема ликвидност можеме да произведуваме уште повеќе. Купен е делот на платформата. Така делуваат и други компании. Останатото не е многу тешко,  рече Пуца.

Телевизијата наведува дека во време кога воената реторика продолжува да расте, Албанија планира да потроши 122 милијарди лека за модернизација и 61 милијарда лека за воена инфраструктура до 2033 година. Дел од тоа се очекува да оди за поддршка на приватни претпријатија кои ќе произведуваат воена опрема.

-Како дел од 10-годишниот договор за безбедносна соработка и долгорочна поддршка меѓу Киев и Тирана, потпишан од премиерот Еди Рама и претседателот Володимир Зеленски во Давос, Швајцарија во јануари, неколку оклопни возила ќе одат во Украина, наведува А2 телевизија.

Првиот прототип на оклопно воено возило „Шота“, беше претставен на меѓународниот саем EUROSATORY што се одржа во Париз, во средината на јуни минатата година. 

Возилото е опремено со напредна технологија и може да се користи во широк опсег на воени и цивилни операции, вклучувајќи транспорт на војници, спасувачки операции и безбедносни мисии.

Дизајнирано е од албанскиот дизајнер Григор Андони, а било произведено за  околу три месеци.  Компанијата „ТИМАК“ во која 75 отсто од вработените се жени, извезува санитетски возила во 20 земји низ светот. вт/рп/

Фото: Компанија „ТИМАК“

 

Остани поврзан