• сабота, 28 декември 2024

Азербејџан ерлајнс ги суспендира летовите до некои градови во Русија

Азербејџан ерлајнс ги суспендира летовите до некои градови во Русија

Баку, 27 декември 2024 (МИА) - Водечката авиокомпанија во Азербејџан денеска соопшти дека ги прекинува своите летови до неколку локации во Русија поради потенцијална закана, откако се појавија сомневања дека нејзиниот авион бил соборен од руската противвоздушна одбрана оваа недела.

Авионот „Ембраер 190“ на Азербејџан ерлајнс во средата леташе од главниот град на Азербејџан, Баку, кон рускиот град Грозни, кога од се уште неразјаснети причини бил пренасочен и се урна додека се обидувал да слета во Актау, Казахстан, откако летал на исток преку Каспиското Море.

Во несреќата загинаа 38 лица, а 29 го преживеаја падот, но сите се повредени.

Властите во Азербејџан, Казахстан и Русија не зборуваат за можната причина за несреќата, во очекување на официјална истрага.

Еден пратеник во Азербејџан ја обвини Москва.

Расим Мусабеков вчера за азербејџанската новинска агенција Туран изјави дека во авионот било пукано додека бил над Грозни и ја повика Русија официјално да се извини.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков одби да ја коментира изјавата на Мусабеков, велејќи дека истражителите треба да ја утврдат причината за несреќата.

„Тој случај се истражува и не веруваме дека имаме право да даваме проценки додека не се донесат заклучоци како резултат на истрагата“, рече Песков. паг/

Фото: МИА архива


 
 

 

 

Остани поврзан