• вторник, 05 ноември 2024

Аерозагадување и до десет пати над дозволеното во Неготино, алармираат од Здружението „Ековита"

Аерозагадување и до десет пати над дозволеното во Неготино, алармираат од Здружението „Ековита

Неготино, 5 јануари 2024 (МИА) - Во Неготино има аерозагадување и тоа во некои периоди од одделни денови и до десет пати над дозволеното, алармираат утрово од Здружението на граѓани за заштита на животната средина ,“Ековита".

Претседателот на здружението, Сашко Тодоров во изјава за МИА појасни дека изминатите два дена во просторите на локалната самоуправа се одржале два координативни состаноци на тема состојбата со аерозагадувањето, во кои биле вклучени повеќе субјекти, меѓу кои и претставници на општината и екологисти. Од страна на Здружението, биле доставени податоци на резултати од мерната индикаторска станица поставена од нив, на која се следи 24-часовно загадувањето со пм 10 честиките. 

- Од доставените резултати беше констатирано дека во периодот од 16 до 23 часот се јавува значително зголемување на концентрацијата на пм 10 честичките во воздухот кој доаѓа и до 500 мг/м3, што е за десет пати над дозволеното. Во останатиот период од денот, состојбата со концентрацијата на пм 10 честичките во воздухот е стабилна. Како основен извор на загадување и појава на овој пик во аерозагадување е загревањето на домаќинствата, но се претпоставува и дека има горење на пластика, гума, текстил и останати недозволени материјали, бидејќи во овој период се чуствува и непријатна миризба  што не е карактеристична за согорување на огревни дрва, рече Тодоров. 

На состаноците биле донесени неколку заклучоци. 

- Прво и основно, најважно е да се работи на покренување на еколошката свест и населението само да разбере дека и тоа може да придонесе кон намалување на аерозагаденоста. Да не се користат отпадни загадувачки материјали. Потоа, да се детектираат несовесни согорувачи на недозволени материјали за загревање на домаќинствата. Доколку се забележи такво нешто, соодветно да се реагира. Во најбрз можен период да се постават уште неколку индикативни мерни станици на повеќе локации во градот и населените места, додаде Тодоров.

Во меѓувреме, нагласи тој, да се избегнува излегување надвор во периодот кога е забележано најголемото аерозагадување во градот. Тодоров појасни дека сите информации за аерозагадувањето, може да се следат на веб страниците на општината и на „Ековита". свд/фф/

Фото: МИА архива/Ековита

Остани поврзан