• петок, 22 ноември 2024

Агенција за филм: Времено се прекинува постапувањето и финансирањето на проектите на „Банана филм“

Агенција за филм: Времено се прекинува постапувањето и финансирањето на проектите на „Банана филм“

Скопје, 16 мај 2023 (МИА) - Агенцијата за филм на Република Северна Македонија врз основа на донесена одлука од страна на Управниот одбор поднесе кривична пријава против продукцијата „Банана Филм“ – Скопје.

Како што соопштија од Агенцијата, оваа одлука се донесе поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело - поднесена официјална изјава со невистинита содржина, а се темели на докази поврзани со фактичката состојба на проектите „Мајки“, „Врба“, „Кајмак“ и „Биста“.

-Согласно горенаведеното, Управниот одбор на Агенцијата за филм донесе одлука со која го задолжи директорот на Агенцијата да донесе решение за прекин на постапување и финансирање по проектите „Кајмак“ и „Биста“ на истиот продуцент, сè до правосилно решавање на претходното прашање. Откако Министерството за култура изврши инспекциски надзор за проектите „Мајки“ и „Врба“, од каде овластениот инспектор достави информација и докази со предлог за проверка и постапување по истите проекти до Управата за финансиска полиција, утврдено е постоење на недоследности во однос на доставување на финални извештаи за проектот „Мајки“, потенцираат од Агенцијата.

При тоа, како што наведуваат во соопштение, за проектот „Мајки“, продукцијата до денес не доставила финален извештај за потрошени 55.000.000,00 денари како и за сите други дополнителни средства потрошени за реализација на овој проект. Што се однесува до проектот „Врба“, во процес е проверка на фактот - пренос на повисоки износи на средства доделени на сметка на правно лице во странство, која што припаѓа на сопственикот на продукцијата „Банана Филм“ - Скопје.

-Сите иницирани постапки на Агенцијата за филм немаат намера да направат блокада на работата на било кој автор, вклучително и сопственикот на продукцијата „Банана Филм“ - Скопје, туку единствена цел е да се утврди дали постоело незаконското работење како и заштита на буџетските средства на Република Северна Македонија, велат од Агенцијата за филм. бт/ац/

Остани поврзан