• сабота, 21 декември 2024

Авторски концерт на Ана Пандевска во изведба на пијанистките Ана и Ивана Мазнејкови во Словенија

Авторски концерт на Ана Пандевска во изведба на пијанистките Ана и Ивана Мазнејкови во Словенија

Скопје, 18 септември 2024 (МИА) - Во музичкото училиште „Словењ Градец“ во Словенија вечер ќе се одржи авторски концерт на композиторката Ана Пандевска. Станува збор за авторска електроакустична музика за деца, во изведба на македонските пијанистки Ана и Ивана Мазнејкови. 

Авторскиот електроакустичен циклус за пијано насловен „Во светот на чудата“ инспириран од најпознатите цртани филмови на Волт Дизни и составен од 16 пиеси, премиерно ќе се изведе во Словенија во организација на училиштето „Словењ Градец“ и познатата пијанистка и професорка по пијано Маја Кастратовиќ.

Ана и Ивана Мазнејкови имаат настапувано на најреномираните фестивали за сериозна музика во државата, на бројни европски подиуми со исклучително захтевни репертоари на своите програми. Имаат освоено бројни награди на натпревари за пијано во земјата и странство како и златни пехари и медали.

Композиторката Ана Пандевска е авторка која се стреми да ги дофати современите музички и воопшто уметнички струења од западните кругови, и да ги соедини со свои, индивидуални размисли кои неретко се дел од овдешните, локални случувања. Пандевска, како што и самата вели, постојано трага кон непознати, за неа неоткриени патеки кои во различната фаза од нејзиниот животен и креативен развој добива и поинаков гест. За Пандевска, во процесот на создавање на едно дело подеднаква важност имаат  формата,  инструментацијата,  содржината,  филозофијата, кои се менуваат во зависност од појдовната идеја.

-Во своите многубројни композиции Пандевска се претставува како автор кој преферира полистилистика и мултижанровост и кој ниту има комплекс ниту пак посебно преферира кој и да е стил што ја обележал музичката историја. Оттаму и нејзиниот интерес за фолклорот, за џезот, последните години – за електроакустичната музика и за многу други стилски и изразни насоки. Ако сака да се извлече некоја заедничка црта за сите нив – тогаш тоа би бил заклучокот дека таа не тежнее кон празни ефекти, кон шокантни звучни склопови и решенија карактеристични за авангардата од почетокот на втората деценија од минатиот век. Спротивно на тоа, без оглед дали станува збор за музика за деца, за солистички, камерни или оркестарски дела, кај неа ефектот речиси секогаш е во функција на смислата на композицијата. Каде што слушателот ништо не препознава како случајност, туку како намера насочена кон тоа да предизвика естетско задоволство, напиша музикологот Марко Коловски во својот осврт за досегашното творештво на Ана Пандевска.бт/мд/

Фото: Ана Пандевска

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан