• среда, 19 јуни 2024

„Аваја“ ги оцени како недемократски парламентарните избори

„Аваја“ ги оцени како недемократски парламентарните избори

Скопје, 17 мај 2024 (МИА) - Претставниците од политичката партија „Аваја“ на денешниот брифинг со нивинарите ги оценија парламентарните избори како недемократски. Резултатите што „Аваја“  ги освои на изборите, според нив, не се само охрабрување, туку и повик за надеж и верба во нова млада и интелектуална сила.

- За разлика од поголемите политички партии коишто овие избори ги оценуваат како мирни и демократски, повикувајќи се на генералната слика, за нас и овие избори покажаа дека натпреварот со поголемите партии е невозможен, бидејќи овие партии се фокусираа на најранливата категорија каде што живеат најранливите групации и ромскиот народ и тие беа се, само не и демократски. Нивото на политичка зрелост и култура во нашата земја, се уште, е на незадоволително ниво за да може да кажеме дека живееме во напредна демократија во која борбата е на ниво на идеи и визија за иднината. Имено, како што кажав, поголемите политички партии ги доведоа до ниво на општа пракса манипулацијата, корупцијата и поткупот кај нашите маала, нагласи генерален секретар на „Аваја“,  Елвис Мемети.

Потенцира дека „Аваја“ на овие парламентарни избори настапила самостојно, со јасна визија која во центарот го става колективниот напредок на ромската задница. 

- Аваја е новиот ромски политички фактор и резултатите од овие избори го потврдија тоа, при што за споредба со другите политички партии кои настапија на изборите во коалиција со другите партии, освои најмногу гласови на поединечно конто. Не беше лесно, но сме сигурни дека после овие резултати поголемите политички партии ќе размислат со која од ромските партии ќе коалицираат, но и ќе го препознаат квалитетот и надежта која ја гледа ромската заедница во нас, рече Мемети.

Претседателот на „Аваја“ Акиф Кариман, осврнувајќи се на изборните резултати, наведе дека иако партијата се регистрирала две недели пред изборите и за краток период на дејствување, освоила 2909 гласа. 

Од партијата посочија дека во сите изборни единици во кои настапиле, односно во 3-та 4-та, 5-та и 6-та, со добиените гласови направиле сериозна разлика во распределбата на мандатите. Потенцираа дека излезноста на ромското население, со кампањата на „Аваја“, се зголемила за 10 до 15 проценти во однос на досегашните изборни циклуси. фф/бак/

Фото: Политичка партија Аваја

Остани поврзан