Mеџити со апел до НВО да аплицираат на конкурсот со проекти за подобра животна средина

Скопје, 15 април 2025 (МИА) - Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска имаше работен состанок со претставници на невладини организации и здруженија на граѓани кои работат во областа на животната средина, на кој информираше за Конкурсот за распределување на средства за финансирање и реализирање на програми, проекти и други активности од областа на животната средина за 2025 година, соопшти МЖСПП.
Меџити на состанокот апелира до претставниците на невладините организации да аплицираат на конкурсот.
- Целта на оваа програма е да се поттикнат и финансираат конкретни проекти, активности и иницијативи кои ќе придонесат за заштита, унапредување и одржливо управување со нашата животна средина – нешто што е од суштинско значење за здравјето и благосостојбата на сите наши граѓани, истакна Меџити, додавајќи дека НВО-ата има многу значајна улога во делот на подигање на јавната свест, едукација и обуки поврзани со заштитата на животната средина.
Дел од овие финансиски средства, информира Меџити се обезбедуваат од еколошката такса при регистрација на моторни возила, дел од надомест за био-разградливи кеси за пазарење, надомест кој го плаќаат операторите на инсталации со А – интегрирана еколошка дозвола и средства од други владини услуги, што во пракса значи парите на граѓаните ги враќаме пак кај граѓаните.
На состанокот беше нагласено дека дека транспарентноста и објективноста се основата на пристапот на МЖСП, а критериуми за невладините организации се да бидат регистрирани најмалку една година пред конкурсот, да делуваат во интерес на јавноста и да немаат поднесено ист проект за финансирање до други извори.
Рокот за аплицирање е до 29 април, во одделни обрасци и формулари, кои се достапни на официјалната веб-страницата на Министерството.са/дма/
Фото: МЖСПП